петок, 8 мај 2026

Зеленски: Некои странски претставници планираат на парада во Москва, не го препорачуваме тоа (ВИДЕО)

Украинанскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина „не го препорачува“ доаѓањето на странски претставници на воената парада на 9 мај во Москва, откако Русија се закани со одмазда во случај на прекршување на едностраното примирје прогласено од Владимир Путин.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Руското Министерство за одбрана вчера ја потврди најавата на Путин за еднострано примирје од петок до недела. Министерството тврди дека во овој период „сите руски воени единици целосно ќе ги прекинат борбените операции“.

Москва предупреди дека секој обид на Украина да го прекрши примирјето или да нападне руски цели ќе биде пресретнат со „соодветен одговор“. Русија дополнително се закани со масовен напад врз центарот на Киев доколку Украина се обиде да ја наруши утрешната парада во Москва.

Откако Путин прогласи „прекин на огнот на Денот на победата“, Зеленски во понеделник изјави дека Украина ќе спроведе прекин на огнот од среда. Подоцна тој тврдеше дека Русија веќе на првиот ден од примирјето, до 10 часот наутро, го прекршила 1.820 пати.

„Тие сакаат дозвола од Украина да ја одржат својата парада за да можат безбедно да маршираат по плоштадот еден час годишно, а потоа да се вратат на убивање наши луѓе и водење војна“, нагласи Зеленски во своето обраќање синоќа.

Според украинскиот претседател, некои проруски ориентирани земји ја контактирале Украина во врска со плановите на нивните претставници да присуствуваат на парадата во Москва. „Исто така, добивме пораки од некои земји блиски до Русија дека нивните претставници имаат намера да бидат во Москва. Чудна желба во вакви денови. Не го препорачуваме тоа“, истакна тој.

Зеленски претходно, исто така индиректно, рече дека судбината на руската воена парада зависи од украинската војска, додека во Москва расте загриженоста за можни напади за време на настанот.

Словачкиот премиер Роберт Фицо планира да ја посети Москва по повод прославата на Денот на победата, но оваа година нема да присуствува на самата парада. Ова го потврди словачкиот заменик-министер за надворешни работи, Растислав Хованец.

„Патувањето на премиерот во Москва е првенствено насочено кон одбележување на крајот на Втората светска војна. Тој нема да присуствува на воената парада и само ќе положи цвеќе на гробот на непознатиот херој“, објави Хованец.

„Но да, исто така ќе се сретне и со рускиот претседател, на кого може да му пренесе пораки од украинскиот претседател, со кого се сретна двапати во изминатата недела. Премиерот може да добие и вредни информации од рускиот претседател за тоа како Путин гледа на напорите за завршување на војната“, додаде тој.

Иако Фицо претходно имаше многу затегнати односи со Зеленски, неговиот тон кон Украина значително омекна во последните денови, откако унгарскиот премиер Виктор Орбан ја загуби власта. Фицо се сретна со Зеленски во понеделник и повторно го поддржа влезот на Украина во Европската Унија.

Руската државна новинска агенција Тасс објави список на странски гости, но не прецизираше кои од нив ќе бидат присутни на воената парада:

  • Претседателот на Република Абхазија Бадра Гунба со сопругата;
  • Претседателот на Република Белорусија Александар Лукашенко;
  • Претседателот на Народна Демократска Република Лаос Тонглун Сисулит;
  • Врховниот владетел на Малезија султан Ибрахим;
  • Премиерот на Словачката Република Роберт Фицо;
  • Претседателот на Република Јужна Осетија Алан Гаглојев;
  • Претседателот на Република Српска Синиша Каран;
  • Претседателот на Народното собрание на Република Српска Ненад Стевандиќ со сопругата;
  • Лидерот на Сојузот на независни социјалдемократи на Република Српска Милорад Додик со сопругата.
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ