Американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела потпиша извршна наредба со која се прошируваат американските санкции против Куба. Според наредбата, администрацијата на Трамп ги таргетира Групата за бизнис администрација С.А. (ГАЕСА), воен конгломерат за кој американските претставници тврдат дека контролира најмалку 40% од кубанската економија, и неговата извршна директорка, Анија Гилермина Ластрес Морера.
Мерките се насочени и кон Моа Никел СА, заедничка инвестиција помеѓу Шерит интернешнл корп со седиште во Торонто и кубанската државна компанија Никел, која рудари никел и кобалт.
Администрацијата на Трамп исто така строго ги ограничи патувањата и дознаките од САД на островот и презеде чекори за да ги одврати регионалните сојузници од вработување кубански лекари, долгогодишна програма промовирана од Куба во име на солидарност, но исто така и главен извор на цврста валута.
„Денешните санкции покажуваат дека администрацијата на претседателот Трамп нема да стои настрана додека комунистичкиот режим во Куба ја загрозува нашата национална безбедност“, објави државниот секретар Рубио на мрежата Икс.
„Ќе продолжиме да преземаме мерки сè додека режимот не ги преземе сите потребни политички и економски реформи“, додаде тој.
Со децении, САД бараат Куба да ја отвори својата државна економија, да плати надомест за имотот запленет од владата на поранешниот лидер Фидел Кастро и да одржи „слободни и фер“ избори.
Куба изјави дека нејзината социјалистичка форма на владеење не е предмет на преговарање. Високи кубански функционери го обвинија Вашингтон дека „навестува воена акција“ за „ослободување“ на Куба и велат дека децениските американски санкции против островската влада се причина за нејзините економски и социјални проблеми.






