Осврнувајќи се на мировните преговори, американскиот претседател потврди дека Техеран и Вашингтон сè уште преговараат, но тврдеше дека Иран „навистина е на крајни сили“. „Планот е многу едноставен. Иран не смее да има нуклеарно оружје, не смее да има нуклеарна бомба и нема да има. Тие се согласија со тоа и ќе видиме дали се подготвени истото да го потпишат“, рече Трамп.
И покрај нападите во теснецот, Трамп инсистираше на тоа дека прекинот на огнот останува на сила, но се закани дека ќе удри „многу посилно“ ако Иран не го потпише договорот.
Неколку часа по изјавите на Трамп за преговорите и прекинот на огнот, американската војска објави дека американските разорувачи УСС Тракстен, УСС Рафаел Пералта и УСС Мејсон биле цел на „непровоцирани ирански напади“ додека минувале низ Ормускиот теснец.
Според соопштението на Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ), Иран лансирал ракети, дронови и мали пловила кон бродовите, но не биле погодени американските цели.
ЦЕНТКОМ тврди дека американските сили потоа ги неутрализирале заканите и извршиле одбранбени напади врз воени цели во Иран, вклучувајќи места за лансирање ракети и дронови, командни центри и системи за надзор и разузнавање.
Американски функционер изјави за Ен-би-си њуз дека нападите биле извршени во областа Бандар Абас и островот Кешм и нагласи дека ова не е продолжение на војната против Иран, туку „одбранбени мерки“.
Од друга страна, Техеран ги обвини САД за кршење на прекинот на огнот. Иранската државна агенција Прес ТВ објави дека американските напади погодиле ирански танкер за нафта и друг брод во Ормускиот теснец, како и цели во цивилни области покрај брегот на Бандар Хамир, Сирик и островот Кешма.
Иранската војска соопшти дека нејзините сили извршиле напади врз американски воени бродови по американските напади и нанеле „значителна штета“, но американската Централна команда соопшти дека ниту едно од нејзините средства не било погодено.
Во меѓувреме, беше потврдено и дека администрацијата на Трамп привремено ја суспендирала операцијата „Проект слобода“, која требаше да обезбеди премин на трговски бродови низ Ормускиот теснец. Според американските претставници, причината е загриженоста на Саудиска Арабија и другите сојузници од Заливот за можна ескалација на конфликтот.





