Во овој период функцијата министер за култура ја извршуваше Хусни Исмаили.
Членот на ДКСК, Владимир Георгиев, појасни дека посочениот министер постапувал спротивно на Законот за буџети и Законот за извршување на буџети за 2020 година со тоа што во постизборен период потпишал околу 100 договори и анекс договори и со тоа создал обврски за Буџетот на Министерството за култура за 2020 година од над 33 милиони денари.
„Со Законот за буџети се предвидува дека буџетските корисници не смеат да преземаат обврски кои пристигнуваат во тековната година или се направат расходи над одобрените средства од буџетот. Со член 4 од Законот за извршување на буџетот за 2020 година се наведува дека буџетските корисници и единки не смеат да преземаат обврски или да направат расходи над лимитот на одобрените средства од Буџетот. Според член 37а за извршување на буџетот на буџетскиот корисник е одговорен раководителот на буџетскиот корисник. Врз основа на ова прекршување, ние ја подготвивме иницијативата и веќе е доставена до ОЈО за понатамошно постапување“, изјави Георгиев.
Претходно, ДКСК информираше дека по разгледување на целокупната документација за овој случај, било констатирано дека во текот на февруари 2020 година од страна на стручните комисии формирани во Министерството за култура, биле донесени решенија со кои се одобрени средства за финансирање на три програми во висина од околу 196 милиони денари или над 3 милиони и 100 илјади евра за 684 проекти, додека оваа институција имала на располагање само 136 милиони денари за да ги финансира овие три програми.
Според ова, во февруари 2020 кога биле склучени овие 684 проекти биле преземени обврски во висина од над 60 милиони денари над буџетски обезбедените средства за 2020 година, што пак упатуваат дека раководното лице во Министерството за култура си преземало обврски надвор од расположливите средства со Буџетот, што е забрането и казниво.






