Исмаили е пратеник, a од 27 јуни 2019 до 30 август 2020 година беше министер за култура. Тој е ревматолог, професор на Медицинскиот факултет во Тетово.
Како ревматолог стана министер за култура, а сега и покрај иницијативата за кривично гонење на ДКСК, Исмаили, благодарејќи на договорот меѓу Гаши и Зоран Заев за влегување на Алтернатива во владината коалиција, наскоро можно е да стане и потпретседател на Собранието.
ДКСК во ноември најави дека ќе поведе иницијатива до Јавното обвинителство за поведување постапка за кривично гонење против Исмаили поради сомневање за сторено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување во врска со договори и анекс договори склучени на 24 јули 2020, а во врска со годишните конкурси за финансирање на проекти од национален интерес.
Станува збор за проекти од Годишната програма за проекти од јавен интерес во културата која беше донесена во мандатот на претходниот министер за култура Хусни Исмаили.
Министерството за култура, во мандатот на актуелната министерка Ирена Стефоска, до ДКСК, по заклучок на седница на Влада одржана на 18 мај, поднесе барање за контрола на работењето во делот на законската основаност на договорите и анекс договорите склучени на 27 јуни 2020 година. Овие договори биле склучени во постизборен период по одржани парламентарни избори во услови кога не е формирана новата Влада и во услови кога со ребаланс на буџетот на Министерството му биле намалени финансиски средства за финансирање проекти од национален интерес во областа на културата.
„По разгледување на целокупната документација може да се констатира дека во текот на февруари 2020 година од страна на стручните комисии формирани во Министерството за култура, биле донесени решенија со кои се одобрени средства за финансирање на овие три програми во висина од околу 196 милиони денари или над 3 милиони и 100 илјади евра за 684 проекти. Имајќи предвид дека за 2020 за сите програми биле предвидени вкупно 159 милиони денари, но и обврските што Министерството ги имало преземено во 2019 година во износ од 23 милиони денари, произлегува дека оваа институција имала на располагање само 136 милиони денари за да ги финансира овие 3 програми”, рекоа од ДКСК. Ова знали дека уште во февруари 2020 кога биле склучени овие 684 проекти биле преземени обврски во висина од над 60 милиони денари над буџетски обезбедените средства за 2020 година.
Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска, рече дека сите овие сознанија упатуваат дека раководното лице во Министерството за култура си преземало обврски надвор од расположливите средства со Буџетот, што, како што нагласи е забрането и казниво.






