Со одлука на Владата, а по препорака на Комисијата за заразни болести, учениците од сите средни и основни училишта од 1 септември се враќаат во училишните клупи. Исклучок од одлуката за настава во училиште може бидат учениците со хронични болести или што имаат член во семејството со хронична болест, а онлајн-настава ќе следат и оние ученици што ќе бидат во изолација.
Според надлежните, во моментов епидемиолошката состојба е стабилна. Денес во земјава има 6.734 активни случаи, а најголем број од нив се во Скопје (325), Тетово (184) и Гостивар (132). Само вчера беа регистрирани 999 нови случаи на ковид-19.
Иако минатогодишните изјави на надлежните беа полни со оптимизам дека во овој период што сега го живееме ќе може да прогласиме крај на епидемијата, сепак состојбата воопшто не покажува дека тоа е така.
Иако за разлика од минатата, оваа година ги имаме и вакцините, сепак се чини дека никој не го планираше новиот делта-сој, кој, според лекарите, се шири многу побрзо од досегашните.

„Ако продолжи трендот на сегашната епидемиолошка состојба во државата со мал број пациенти што се лекуваат во болниците, може да се случи во август или во почетокот на септември да се прогласи крај на епидемијата“, изјави министерот за здравство Венко Филипче на трибината „Вакцинација и предизвици со ковид-19“ во јуни годинава.
Но, според бројките и заразените на дневно ниво, се чини дека реализацијата на изјавата на министерот Филипче е далеку од реална.
Со одлука на Владата што беше донесена минатата година во истиот овој период, учебната година почна онлајн, освен за учениците од прво до трето одделение, кои можеа да ја следат онлајн ако така одлучеа родителите.
Ако се потсетиме на бројките на активните, хоспитализираните и починатите лица во истиот овој период од минатата година, тие беа многу пониски за разлика од сега.
На 18 август 2020 имало 2.908 активни случаи, а денес има 6.734. Лани на 18 август биле направени 1.742 теста, регистрирани биле 130 нови случаи, а починале двајца пациенти.
Вчера беа регистрирани дури 999 нови случаи, а за денес министерот Филипче најави дека можно е да има и 1.000 новозаразени.
Значи бројките на заразени на дневно ниво од лани до сега за истиот период се осум пати поголеми, но сепак состојбата се оценува како стабилна за почеток на школската година со физичко присуство.
Во почетокот на септември лани имаше 2.326 активни случаи, а на дневно ниво беа регистрирани 115 нови случаи на ковид-19. За оваа година за почетокот на училишната година и епидемиолошката состојба ќе треба да почекаме, но сепак, како што е трендот на заразени периодов, бројките сигурно би биле поголеми.

Од наставниците во училиштата вакцинирани се околу 60 отсто. Микробиологот д-р Никола Пановски во изјава за МКД.мк вчера посочи дека децата главно лесно ја поминуваат болеста, но проблемот е што постојано треба да носат маски на училиште.
На прашањето како ќе биде можно да се организира настава со физичко присуство кога 40 отсто од наставниците не се вакцинирани, а процентот на деца над 12 години што се имунизирани против коронавирусот е занемарлив, Пановски вели:
„Ако ме прашувате за здравјето на децата, тие генерално лесно ја поминуваат оваа болест, особено децата под 15 години, но ќе биде проблем за нив ако според протоколите, цело време треба да носат маски на училиште. Но главниот проблем ќе биде ако болеста учениците ја пренесат дома, кај возрасните, на татко–мајка, дедо–баба. Болеста, секако, можат да им ја пренесат на невакцинираните наставници. Сепак, сметам дека училиштата нема да бидат така силна ‘бомба’ како што тоа беше случај со свадбите и веселбите.“
Според протоколите за настава со физичко присуство во училиштата, сите влезови во училиштата треба да бидат отворени, мора да има редарска служба, на децата и наставниците ќе им се мери температура, задолжителна е дезинфекција на рацете, забранет е влез без заштитна маска, внатрешните простории мора да се проветруваат и дезинфицираат, не е дозволено мешање на деца од различни паралелки, контактите на наставниците со родителите на учениците може да бидат само преку телефон или интернет.
Од МОН велат дека настава со физичко присуство ќе има сѐ додека дозволува епидемиолошката состојба, а ако бројките пораснат, тогаш ќе се размислува и за враќање на онлајн-наставата.
К.Д.






