сабота, 23 мај 2026

Ковид статистика: Од потврдени 40.208 позитивни случаи за два месеца само 25 отсто биле вакцинирани

Објавено на

часот

Сподели

Според статистиката, од 6 август до 14 октомври во земјава се потврдени 40.208 граѓани позитивни на ковид-19, од кои целосно вакцинирани биле 25 отсто, односно 10.066 лица.

Што се однесува до бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со ковид-19, во изминативе два месеца, 30.142 граѓани, односно 74,9 отсто од позитивните на ковид-19 не биле вакцинирани, се наведува во анализата што ја објави Министерството за здравство. За вакцинирани се сметаат лицата кои примиле две дози и поминале најмалку 14 дена од апликацијата на втора доза вакцина.

Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 79 отсто, додека само 21 отсто од сите моментно хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани.

Анализата покажува и дека смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, па во периодот од 6 август на територијата на државата починале 1.382 пациенти со ковид-19. Од нив 1.149 односно 83 отсто не биле вакцинирани, а само 17 отсто односно 233 примиле вакцина. Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас.

Секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна, велат од Министерството и апелираат граѓаните да се вакцинираат, бидејќи само така ќе се дојде до колективен имунитет и ќе се спречи ширење на мутации на Сарс-Ков2.

Инаку, заклучно со вчера вкупно се вакцинирани 797.988 граѓани, а ревакцинирани се 758.001. Трета доза примиле 1.039 граѓани. Ревакцинирани се 53 отсто од граѓаните над 40 години, а 33 отсто од популацијата од 18 до 39 години примиле една доза вакцина.

Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 47 отсто, а со две дози опфатени се 45 отсто од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 38 отсто од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 35 отсто од популацијата во државата примила две дози вакцина, стои во соопштението.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера информираше дека ефикасноста на вакцините против ковид-19 ја потврдуваат многу анализи.

„Вакцините штитат од тешка форма на болеста, од хоспитализации и смртен исход. Анализите на Министерството за здравство утврдија дека меѓу 79 отсто и 81 отсто од хоспитализираните пациенти со Ковид-19 се невакцинирани“, објави Филипче.

Според него, истражувањето на Цивика мобилитас потврдува дека во последните три и пол месеци има 14.500 помалку заразени, 4.595 помалку неделни хоспитализации, вакцинацијата ја намалила хоспитализацијата меѓу 37,9 отсто и 46,5 отсто, а трошоците за хоспитализација во последните пет недели од делта бранот се пониски за 2,8 милиони евра.

„Вакцинацијата против ковид-19 е важна и ќе помогне да запре пандемијата. Вакцините функционираат заедно со вашиот имунолошки систем, така што ќе бидете подготвени да се борите против вирусот доколку сте изложени на него. Ковид-19 може да има сериозни, опасни по живот компликации и не постои начин да се знае како вирусот ќе влијае на вас. #ВакцинирајСе! Со вакцината се штитите себе си, пријателите, семејството и ги штитите другите околу вас“, напиша Филипче.

Во претходното деноноќие направени се 3.025 тестирања, а регистрирани се 413 нови случаи со ковид-19. Починале девет, а регистрирани сe 309 оздравени пациенти.

Досега во земјава се направени вкупно 1.336.229 тестирања на Ковид-19. Вкупниот број Ковид-позитивни од почетокот на епидемијата изнесува 196.376, бројот на оздравени пациенти е 182.782, на починати 6.901, а активни случаи во моментов се 6.693.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ