
За да се намали ризикот од ширење на новиот сој на ковид-19 Даниловски предлага кон крајот на летото да се воведат рестрикции на границите, како задолжителен ПЦР-тест на границите за влез во земјава.
„Добро би било да се воведат бариери на границите, да речеме ПЦР-тестови за сите што влегуваат преку граница во земјава особено кон крајот на летото, кога ќе почнат да се враќаат од одмори. Втора линија на одбрана би требало да биде ригорозна епидемиолошка обработка за секој нов случај….Мислам дека со малку среќа и ако го интензивираме темпото на вакцинација и ако се зголеми интересот веројатно имаме шанса да дојдеме до колективен имунитет од 80-85 отсто, затоа што тој е прагот на колективен имунитет при кој што епидемиско ширење кај овој тип на вирус би било невозможно“, изјави Даниловски за Канал 5.
Според него, мутациите на вирусот се јавуваа претежно онаму каде вакцинацијата се одвиваше со слабо темпо и затоа смета дека треба да се вакцинираат и децата.
„Мутациите на вирусот се јавуваат таму каде што вакцинацијата одеше млако, практично тој така функционира. За да се минимизира овој феномен да се намали ризикот да се созддат мутации, идеално би било на вирусот да му се стесни тој простор и затоа тука лежи оправданоста за вакцинирање и на децата“, вели Даниловски, додавајќи дека примарно мора да се заврши вакцинацијата на возрасните.






