„Продолжуваме да ги документираме обидите на Русија да ја вовлече Белорусија подлабоко во војната против Украина“, рече Зеленски на Телеграм по состанокот со воени и разузнавачки претставници, објави Ројтерс.
Тој тврди дека Украина знае за дополнителни контакти меѓу Русија и белорускиот претседател Александар Лукашенко за да го убедат да се придружи на „нови руски агресивни операции“.
„Русија разгледува планови за операции на југ и север од белоруската територија – или против правецот Чернигов-Киев во Украина или против една од земјите на НАТО директно од територијата на Белорусија“, рече Зеленски.
Лукашенко ѝ ја отстапи на Русија територијата на Белорусија за да ја користи за дел од нападот врз Украина на почетокот на војната во февруари 2022 година, иако белоруската армија не се бори таму.
Зеленски во април изјави дека Украина има разузнавачки информации дека Русија врши подготовки што укажуваат дека ќе се обиде да ја вовлече Белорусија повторно во војната, која трае повеќе од четири години.
„Украина несомнено ќе се брани себеси и својот народ ако Александар Лукашенко донесе погрешна одлука и одлучи да ја поддржи и оваа руска намера“, рече тој.






