Царовска рече дека во моментот онлајн настава следат 2 процента од учениците, додека ако се соберат бројките со општините каде во средните училишта уште учебната година не започнала со физичко присуство, таа бројка изнесува 7 проценти од децата.
„Дали понатаму ќе има или не интерна трансмисија на вирусот нема да коментирам. Сите сме сведоци на континуирана трансмисија во целиот контекст во кој што живееме во општеството. Училиштата не се надвор од општеството, ниту надвор од нашите локални заедници. Наша обврска е да ги почитуваме протоколите и да правиме се училиштата да останат безбедни и да продолжи наставата со физичко присуство”, рече Царовска и нагласи дека доколку се појави аларм МОН е подготвено наставата да ја префрли на друг наставен модел.
Во соопштението од МОН испратено по изјавите што ги даде Царовска денеска по посетата на централното основно училиште „Димитар Поп Георгиев Беровски” во општина Ѓорче Петров, се вели:
„Тоа што е особено важно да се потенцира е дека во училиштата до сега нема трансмисија на заразата. При појава на ученик или наставник со симптоми на заразата, училиштата постапуваат согласно протоколите и алгоритмите”.
Во однос на барањата на родителите нивните деца да не одат на училиште, министерката во изјавата што ја даде нагласи: „Непуштањето на деца на училиште е казниво и спротивно на интересите на детето“.
Царовска нагласи дека сите училишта имаат обврска да обезбедат онлајн настава за учениците кои се во изолација, а доколку немаат можност, должни се да обезбедат материјали за учење.






