Иако претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, пристигна доцна вечерта по кинеско време на 19 мај, веќе утрото на 20 мај, кинескиот претседател Си Џинпинг ги започна официјалните разговори во Големата сала на народот. Официјалната државна посета на рускиот претседател Путин, е ставена под знакот на одбележување на 30 години од кинеско-руското стратешко партнерство за координација и 25 години од потпишувањето на Договорот за добрососедство и пријателска соработка меѓу Кина и Русија. Тоа го истакна и домаќинот, кинескиот претседател Си, а двајцата претседатели се согласија дополнително да го продолжат Договорот за добрососедство и пријателска соработка меѓу Кина и Русија. Тие одржаа разговори и во тесен и во проширен состав.
Според известувањето на кинеските медиуми, потпишувањето на договорот поставило правна и институционална основа за долгорочно добрососедство, пријателство и сеопфатна стратешка координација. Се оценува дека оттогаш, билатералните односи меѓу двете земји доживеале значителен развој.
„Односите меѓу Кина и Русија напредуваа чекор по чекор токму затоа што двете земји продолжија да ја продлабочуваат политичката доверба и стратешката координација со непоколеблива решителност, ја прошируваа сеопфатната соработка со стремеж кон нови достигнувања и ја бранеа меѓународната правда и правичност, како и изградбата на заедница со заедничка иднина за човештвото.
Во сегашната меѓународна ситуација, како постојани членки на Советот за безбедност на ОН и важни светски сили, Кина и Русија треба да гледаат стратешки и долгорочно, да го поттикнуваат развојот и обновата на своите земји преку уште поквалитетна сеопфатна стратешка координација и да придонесат глобалниот систем на управување да стане поправеден и порамноправен“, истакна кинескиот претседател.

Си Џинпинг нагласи дека Кина и Русија развиле сеопфатно стратешко партнерство за координација за новата ера врз основа на еднаквост, меѓусебно почитување, искреност и заемна корист. Политичката доверба дополнително се продлабочила, а соработката во области како економија, трговија, инвестиции, енергија, наука и технологија, културна и регионална размена продолжила да се развива. Врските меѓу двата народа станале посилни.
Тој додаде дека кинеско-руските односи влегле во нова фаза на побрз развој и поголеми достигнувања. Долгорочниот, стабилен и висококвалитетен развој на овие односи е стратешки избор направен во интерес на двете држави и во согласност со светските трендови.
„Различни министерства од двете земји мораат целосно и ефетктивно да испорачаат важни заеднички договори, кои ги постигнавме со претседателот Путин, целосно во сосгласност со историските можности и да работиме на понатамошно зацврстување на основите на заедничката доверба, да ја достигнеме суштината на соработката и и да создадеме посветна перспектива на кинеско – руското пријателство“, истакна кинескиот претседател Си Џиnпинг.
Си истакна дека двете страни треба да се фокусираат на развојот и обновата на своите земји, целосно да ги искористат постојните механизми за соработка, да ја унапредат практичната соработка во економијата, трговијата, инвестициите, енергетиката, транспортот, науката, технологијата и иновациите, како и активно да истражуваат соработка во нови и напредни области.
Тој повика и на продлабочување на културната размена меѓу двата народа: во образованието, културата, филмот, туризмот и спортот, со цел да се зацврсти пријателството.

Воедно, Си нагласи дека двете земји треба да ја продлабочат мултилатералната координација и да ја зајакнат соработката во рамките на ОН, ШОС, БРИКС и АПЕК, да го поддржат меѓународниот поредок воспоставен по Втората светска војна и авторитетот на меѓународното право, да го обединат Глобалниот Југ и да ја насочат реформата на глобалното управување во правилна насока.
Рускиот претседателот Путин изјави дека, благодарение на заедничките напори, односите меѓу Русија и Кина достигнале невидено високо ниво. Контактите на високо ниво се интензивни, политичката доверба е силна, билатералната трговија стабилно расте, а соработката во транспортот, логистиката, науката и технологијата дополнително се продлабочува.
Тој истакна дека културната и образовната размена се развива успешно, при што по успешните Години на културата Русија-Кина ќе следуваат и Години на образование.
Путин рече дека односите меѓу Русија и Кина го издржале тестот на времето и станале пример за сеопфатна стратешка координација. Договорот за добрососедство и пријателска соработка поставил цврста правна основа за билатералните односи и има уште поголемо значење во сегашните околности.
„Русија е подготвена да работи со Кина за зачувување на духот на договорот, зајакнување на стратешката координација и практичната соработка и подигнување на односите на уште повисоко ниво“, истакна рускиот претседател Путин.
Двајцата претседатели разменија мислења и за ситуацијата на Блискиот Исток и други важни меѓународни и регионални прашања. Беше истакнато дека соработката на Русија и Кина е важен стабилизирачки фактор во турбулентната меѓународна „животна средина“. Русија е подготвена да продолжи со засилување на мултилатерлната координација со Кина и да ја поддржи во одржувањето на АПЕК – лидерскиот економски митинг, и други мултилатерални платформи, како што се ОН, ШОС, БРИКС , во одбраната на различноста на цивилизациите, како и да го направат меѓународниот поредок поправеден и поеднаков.
Двајцата лидери ги слушнаа извешатите од поткомитетите во рамките на редовниот состанок на премиерско ниво, од механизмот во врска со соработката во областите како инвестиции, енергија, економија и трговија, проектот Североисточна Кина… Рускиот Далечен Исток.
По разговорите, тие потпишаа и објавија заедничка изјава меѓу Народна Република Кина и Руската Федерација за понатамошно зајакнување на сеопфатната стратешка координација и продлабочување на добрососедството и пријателската соработка, а присуствуваа и на потпишување на 20 документи за соработка во области како економија, трговија, образование и наука и технологија.
За време на посетата, двете страни објавија и заедничка изјава за промовирање на мултиполарен свет и нов тип меѓународни односи. Двајцата шефови на држави одржаа и заедничка прес-конференција.
Пред разговорите, кинескиот претседател Си Џинпинг, како домаќин организираше свечен пречек за рускиот претседател Владимир Путин пред источниот влез на Големата сала на народот. Според протоколот беше извршена смотра на почесната гарда, изведени беа химните на Кина и Русија и беше испукан почесен поздрав со 21 топовски плотун на плоштадот Тјенанмен.
Вечерта, претседателот Си организираше свечен банкет во чест на претседателот Путин во Златната сала на Големата сала на народот, на кој присуствуваа Каи Чи, Динг Ксуексианг, Ванг Ји, Хе Лифенг, Џанг Гуокинг, Шен Јикин…
Во деновите меѓу двете високи државнички средби во Пекинг, односно по заминувањето на американскиот претседател Трамп, дел од светскиот печат, најавената посета на рускиот претседател Путин ја оценуваше како „усогласување на часовниците“ со кинескиот претсетел Си, алудирајќи на добрите кинеско-руски односи. Светот очекува гласовите на разумот да бидат слушнати во напрегнатите меѓународни односи, по посетите на светските лидери како Путин и Трамп на Кина и надеж дека ќе покажат добра волја за излез од оружено воените-кризи во кои се вовлечени нивните земји низ светот. Кина се покажа дека во двете ситуации се поставува како глас на разумот и мудроста во актуелната сложена меѓународна политика, фокусирана на технолошкиот и економскиот развој, наспроти опцијата со демонстрација на воена (над)моќ за исполнување на политичките и економските амбиции.
За Мкд.мк од Пекинг – Јасминка Павловска






