Нестле Франција во тоа време објави дека „превентивно и доброволно“ повлекува одредени серии на храна за бебиња Гуигоз и Нидал откако нови истраги покажаа потенцијално присуство на цереулид, супстанца од бактериско потекло произведена од микроорганизмот „бацилус цереус“, која може да предизвика дијареја и повраќање. И Данон и групацијата Лакталис ја повлекоа храната за бебиња од маркетите.
Нестле соопшти дека изворот на контаминацијата е маслото од арахидонска киселина што им го испорачувала една компанија, но не сакаа да го објават нејзиното име, пренесе швајцарскиот портал Свисинфо, додавајќи дека во меѓувреме е откриено дека станува збор за Кабио биотек од кинескиот град Вухан.
Кабио биотек е меѓу водечките производители на таа состојка за храната за бебиња во светот и снабдува околу 300 клиенти, вклучувајќи ги Нестле и Данон, објави белгиската новинска агенција Белга цитирајќи француски медиуми.
Европската комисија побара од Европската агенција за безбедност на храната (ЕФСА) да постави итна научна граница, позната како акутна референтна доза (АРфД), и да ја вклучи во процесот на донесување одлуки на владите и компаниите за евентуално повлекување на производите од полиците.
ЕФСА предложи да се постави нова горна граница за присуство на цереулид, на максимум 0,014 микрограми на килограм телесна тежина кај доенчињата. Многу малите бебиња ги варат супстанциите поинаку и им е потребна дополнителна заштита, објаснија тие, истакнувајќи дека повраќањето е клучен краткорочен симптом кој се користи за поставување ограничувања.
Потоа Франција одлучи да ја намали границата од максимум 0,3 микрограми на килограм телесна тежина кај доенчињата на 0,014 микрограми. Истрагата на Радио Франција, РТБФ и РТС наведува дека Нестле го одложиле информирањето на европските власти за присуството на цереулид во храната за бебиња.
Портпаролот на Нестле изјави дека истражните извештаи содржат „неточни и погрешни информации“, нагласувајќи дека компанијата била целосно транспарентна и соработувала со властите од „првиот ден“. Истрагата го цитира тврдењето на Нестле дека следела строг процес што вклучувал проценка, проверки на следењето и идентификација на контаминирани производи пред да почне да ги повлекува производите од полиците во продавниците.
Данон не одговориле веднаш на барањето за коментар за медиумските извештаи. Нестле претходно објави дека првпат откриле ниски нивоа на цереулид во примероците од производите кон крајот на ноември минатата година, но престанале да ги користат сите мешавини што содржат масло од арахидонска киселина на добавувачот откако контаминацијата била потврдена на 24 декември, потсетува Ројтерс.
Според консултантската фирма Скајквест текнолоџи груп, Нестле контролира речиси една четвртина од глобалниот пазар на храна за бебиња вреден 92,2 милијарди долари. Радио Франција објави дека 838.000 конзерви храна за бебиња биле задржани од 26 декември во фабриката на Нестле во северна Франција и други производствени погони.
Производите што веќе се на пазарот останале, според извештајот на Радио Франција, во дистрибутивните канали или во домовите на потрошувачите без официјално повлекување или непосредно известување до европските власти, иако регулативите бараат непосредно известување кога ќе се идентификува здравствен ризик.
Медиумите објавија и дека Нестле ги повлекле производите во Австрија и Германија од 24 декември, додека производите на Данон биле повлечени од продажба во јануари, пред да биде објавено повлекувањето. Нестле остро го негираше тврдењето.
Обвинителите во француските градови Бордо и Анже ја исклучија врската помеѓу смртта на двете бебиња и повлекувањето на храната. Третата смрт е сè уште под истрага. Друга истрага започната во Мо е префрлена во Париз, објави Радио Франција.






