Во обраќање од својата канцеларија во Ерусалим, Смотрич не прецизираше зошто судот го бара налогот, но го нарече проширувањето на населбите револуција во, како што кажа, Јудеја и Самарија, користејќи го библиското име за Западниот Брег. Тој се пофали дека Израел одобрил повеќе од 100 нови населби за време на мандатот на сегашната влада.
Од МКС за Си-ен-ен соопштиле дека не можат да коментираат за случајот и дека барањата за налози за апсење се доверливи или класифицирани. Процесот почнува кога обвинителот бара налог, што може да се случи во тајност пред судиите да одлучат дали да издадат.
Смотрич постојано го нагласува одобрувањето на нови населби како чекор кон наметнување на израелски суверенитет на Западниот Брег и отворено изјави дека неговата цел е да спречи каква било можност за воспоставување палестинска држава. Во април Израел тајно одобри повеќе од 30 нови населби и фарми како дел од пошироките напори за консолидирање на контролата врз територијата.
„Планираме, градиме, асфалтираме, регулираме и го правиме процесот на населување неповратен“, кажа Смотрич. Како одговор на барањето на обвинителот на МКС, тој објави дека Израел „веднаш“ ќе ја евакуира бедуинската заедница Кан ал-Ахмар, источно од Ерусалим, која долго време е цел на израелската десница.
Без да наведе докази Смотрич ја обвини Палестинската самоуправа за потезите на МКС, која управува со делови од Западниот Брег, порачувајќи дека „сè укажува“ на нивна одговорност. Израелски функционер за Си-ен-ен изјави дека Израел верува дека МКС може да побара налози за апсење и за министерот за одбрана Израел Кац и за министерот за национална безбедност Итамар Бен Гвир.
Бен Гир во изјава порача дека „не се плаши и не е заплашен“. Израел го окупираше Западен Брег од Јордан во војната во 1967 година, а потоа таму почна да гради еврејски населби. Според меѓународното право, Обединетите нации и поголемиот дел од меѓународната заедница, овие населби се нелегални.
Обединетите нации ги сметаат Западниот Брег и Источен Ерусалим за окупирана територија, која Палестинците ја сакаат за своја идна држава. Во ноември 2024 година, МКС веќе издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и тогашниот министер за одбрана Јоав Галант под обвинение за воени злосторства и злосторства против човештвото. Бенјамин Нетанјаху ги нарече наредбите „апсурдни и антисемитски“.






