сабота, 6 јуни 2026

Мицкоски: Акцискиот план за малцинства е готов, Макрон и Мерц ни дадоа силен мотив да продолжиме со реформите

Акцискиот план за малцинства е готов, усогласен со експерт од Европската комисија, како ниту една држава што го има направено и неофицијално е усогласен со 26 земји-членки, освен со една, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Институтот за јавно здравје во Скопје.

Објавено на

часот

Сподели

Прашан до каде е Владата со Акцискиот план за малцинства и што конкретно има како барање таа една земја, Мицкоски рече дека „кога би знаел, ќе ви дадев одговор“. Таа една земја е против да бидеме и дел од иницијативата Трите мориња, изјави Мицкоски.

Предлог-акцискиот план за заштита и унапредување на правата за припадниците на заедниците, кој е изработен на македонски и англиски јазик од домашни и меѓународни експерти, во блиска консултација со Совет на Европа и Европската комисија е документ којшто содржи јасно дефинирани мерки, рокови и надлежни институции и е целосно усогласен со највисоките европски стандарди. Наместо да биде поздравен како конструктивен чекор напред, документот од јануари годинава е предмет на апстрактни и неосновани коментари од страна на Бугарија.

Премиерот Мицкоски, уште во јануари годинава изјави дека се случило тоа за што ги предупредил партнерите во Брисел – „дека и најдобриот Акциски план за малцинствата да го направиме, тој ќе биде одбиен од Бугарија“.

„Жалам што уште еднаш ја испуштија шансата дека се добри соседи. Ниту една земја членка нема против, ниту едно малцинство во Македонија нема против, бидејќи имаше јавна дебата. Е, проблем било што бил на македонски јазик“, рече Мицкоски.

За самитот ЕУ-Западен Балкан, македонскиот премиер изјави дека во овие две години откако е претседател на Владата пораките од Тиват беа најсилни, а тоа е дека процесот на проширување не е завршен.

„Францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц дадоа силен мотив да продолжиме во делот на реформите, да испорачуваме, врз основа на методот на заслуга, а не врз основа на билатерални прашања и тоа беше неколку пати потенцирано на самиот самит“, изјави Мицкоски.

Во врска со „нон пејперот“ на Макрон и Мерц, Мицкоски посочи дека институциите во Брисел веќе добиле инструкции за операционализација на овој документ, што ќе овозможи поголемо користење на одредени алатки од страна на земјите од регионот и почести состаноци на високо ниво.

„Она што го слушав и од францускиот претседател и од германскиот канцелар, а и таму во работниот дел од Самитот, можев да заклучам дека документот што тие го имаат подготвено, ‘нон пејперот’, институциите во Брисел веќе добиле инструкции за негова операционализација и претставува значајно подигнување на нивото на односи помеѓу Западен Балкан и Европската Унија, односно, тој документ и таа реформа овозможуваат механизам со којшто ќе имаме, поголемо користење на одредени алатки од страна на земјите на Западен Балкан и тој никако не е во конфликт со проширувањето. Тоа се два паралелни процеси. Ова е еден процес, а проширувањето си останува како друг процес“, нагласи Мицкоски.

Тој информира дека на самитот било договорено да има почести состаноци кои нема да бидат веќе на ниво на самити ЕУ-Западен Балкан два пати годишно, еднаш во јуни, еднаш во декември, туку најмалку два пати месечно.

„Тоа ќе значи дека ќе можете со луѓето кои што одлучуваат да разговарате и да креирате политики и да ја градите иднината заедно, така што во секој случај и францускиот претседател и германскиот канцелар дадоа силен мотив да продолжиме во делот на реформите, да испорачуваме, врз основа на методот на заслуга, а не врз основа на билатерални прашања и тоа беше неколку пати потенцирано на самиот самит. Така што јас се враќам од самитот навистина задоволен и инспириран да продолжиме сите во Владата да работиме уште попосветено и уште помотивирано за да можеме да ги користиме сите оние алатки кои што со овие нови механизми ќе ни бидат ставени на располагање“, рече Мицкоски.

Одговарајќи на новинарски прашања во врска тоа дека Македонија не била спомената на прес-конференцијата во Тиват, како и на пораките од претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и бугарскиот премиер Румен Радев дека без уставни измени нема поместување во процесот, Мицкоски истакна дека неговиот оптимизам е цврсто заснован на директните разговори во Црна Гора.

„Мојот оптимизам се темели на тоа што јас бев единствениот од земјите од Западен Балкан кој имаше билатерални состаноци и со францускиот претседател Макрон и со германскиот канцелар Мерц. И точно знам што се зборуваше на тие состаноци и точно знам што ќе следи во периодот што е пред нас“, рече премиерот, додавајќи дека од страна на соговорниците добил одговори на некои од дилемите и кога ќе се земе сето ова предвид, оттаму доаѓа неговиот оптимизам.

​Мицкоски ја отфрли како неточна тезата на одредени експерти дека планот од „нон-пејперот“ не може да се аплицира за Македонија поради тоа што земјата формално ги нема стартувано преговорите по кластери. Според него, документот е прецизно направен за да овозможи механизми дури и за земјите кои се само кандидати или немаат одржано прва меѓувладина конференција.

„Планот на Мерц и Макрон ги вклучува сите земји на Западен Балкан. Не се сите земји на исто ниво во процесот на интеграција, но ги вклучува сите земји на Западен Балкан – групата шест и не е поврзан со процесот на проширување, бидејќи и едниот и другиот паралелно продолжуваат. Да, точно е, одредени делови од овој план подразбираат одредени поглавја да бидат затворени, но и тука ќе има во периодот што следи одредени поместувања“, додаде премиерот.

Тој, одговарајќи на новинарско прашање, повтори дека додека е тој претседател на Владата нема никогаш да поддржи уставни измени во кои што нема да имаме јасен крај дека ќе го почнеме процесот и ќе го завршиме.

„Додека немам јасни гаранции дека нема да има повеќе билатерални прашања и идентитетски прашања, само таков тип на уставни измени можам да поддржам. Сè останато нема никогаш да поддржам“, рече Мицкоски.

Во однос на тоа дали наишол на разбирање за оваа тема на средбите со Мерц и со Макрон, тој кажа дека и двајцата високи челници на ЕУ покажале голема заинтересираност, и очекува во периодот што следи да има интензивирање на разговорите за оваа тема. Тој истакна дека темелните европски вредности треба да важат за сите.

„Подготвени сме да бараме решение, но непринципиелно е, бидејќи ги слушав вчера изјавите, да се повикувате на почитување на човековите права, нели, така кажа премиерот на Бугарија, а на бирото да ви стојат 14 пресуди од Судот за човекови права во Стразбур и да не дозволувате македонската заедница во Бугарија да си регистрира невладина организација. Или принципите важат за сите или не важат, тоа се темелните европски вредности. Важно е дека многу почесто ќе бидеме во Брисел на масата и ќе можеме да зборуваме. Тоа е многу понапред од тоа што бевме пред година, две, три или или претходно, така што ја повикувам македонската јавност да не подлегнува на какви било притисоци што значат неизвесен крај, а дополнително национално понижување за граѓаните во Македонија. Ние мора да сме внимателни и прецизни со јасна стратегија што ја имаме како влада и што ја водиме. Имаме пријатели и чекор по чекор ќе дојдеме до целта“, порача премиерот.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ