„Ако порано зборувавме за креирање на работни места, сега говориме како истите да ги задржиме. Како резултат на миграциите во и надвор од земјата, повеќе од половина од компаниите во Македонија се соочуваат со проблем на задржување на работната сила на подолг временски период, посебно на помладите. Оваа појава е посебно изразена кај техничките работни места за кои е потребно практично искуство, како и во угостителско-туристичкиот сектор“, вели претседателката на ОРМ, Владанка Трајкоска, повикувајќи се на податоците од направените анализи на организацијата.
За претседателката на ОРМ неопходно е час поскоро образовната политика и реформите во овој сектор да се усогласат со потребите на пазарот на трудот.
„Предлагаме да се изврши редуцирање на гимназиските и општествените смерови, на сметка на техничките и стручните смерови во средните училишта, а во високото образование да се предвидат критериуми за оценка дали студиските програми имаат општествена оправданост“, децидна е Трајкоска, напоменувајќи дека ОРМ се залага за зајaкнување на соработката и дијалогот меѓу факултетите и стопанството со цел да се приближат наставните програми на факултетите до потребите на пазарот на труд, а со тоа да се зголеми вработливоста на идните дипломци.
На овој состанок од серијалот деловни појадоци организирани од ОРМ се разговараше и за дефицитот на работна сила кој е особено изразен во секторот за туризам и угостителство. Претставниците од овој сектор уште еднаш порачаа дека има неопходна потреба од значително поедноставување на моделот на пријавување на работниците и намалување на трошоците што ги имаат работодавачите за вработените во овој сектор, чиј број од година во година се повеќе се намалува.
„ХОТАМ, како членка на ОРМ, и Меѓународната организација на трудот, започнаа со спроведување на активностите од пилот-проектот во охридско – струшкиот регион кои се во насока на олеснување на условите за пријавување на работниците во туристичко-угостителскиот сектор преку преземање на административните активности за пријавување на работниците и покривање на придонесите за вработените кои се ангажирани преку проектот, како и организирање на бесплатни обуки за работниците. На основа на искуствата и резултатите од овој пилот-проект ќе се изготват конкретни предлози за измена на законската регулатива кои ќе бидат доставени до Владата”, информираше претседателот на Асоцијацијата на хотели, ресторани, кафетерии и автокампови – ХОТАМ, Крсте Блажевски.
Покрај за начините како да се намали растечкиот недостиг на работна сила на пазарот на труд, особено во угостителството и туризмот и за неопходноста од реформи во стручното образование и зајакнување на дијалогот меѓу факултетите и стопанството, на овој состанок членките на ОРМ разговараа и за други прашања од интерес за работодавачите кои понатаму ќе бидат споделени со останатите партиципиенти и партнери во социјалниот дијалог на локално и национално ниво, по што истите ќе бидат преточени во предлози за измени во законската регулатива. Организацијата на деловните појадоци е поддржана од Проектот „Зајакнување на социјалниот дијалог“, што е финансиран од Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот (МОТ).






