Со претходните мерки кои се во сила, шест месеци сме пред регионот во однос на мерките за да не се случи ценовен шок и енергетска криза, но секако во соработка со стопанските комори ги следиме состојбите и ќе интервенираме и со нови мерки доколку е потребно, изјави министерот за економија.
Во однос на јавниот повик што ќе биде отворен утре за снабдување со јаглен за потребите на дополнително производство на струја во термоелектраните РЕК Битола и Осломеј, Бектеши рече дека процедурата е во рацете на АД ЕСМ и дека од нив ќе зависи од каде ќе биде набавен јагленот.
„Дали ќе биде набавен јаглен од Косово, како што велите вие, или пак од Грција, ќе видиме“, му одговори Бектеши на новинарот кој го постави прашањето, а кој праша и дали ваквиот интервентен увоз на јаглен не се коси со „зелената агенда“ на ДУИ, партија на која и Бектеши припаѓа.
„Набавката на јаглен не е во спротивност со зелената агенда на ДУИ, зашто треба да се има предвид стратегијата на Владата во делот на енергетиката според која постои транзициски период до 2030 година етапно да бидат затворени сите термоцентрали во земјава. Но мислам дека тоа ќе се случи и порано бидејќи активно и континуирано се работи и се вложува во сончеви, ветерни и други вид еколошки централи за производство на струја“, нагласи Бектеши.
На прашањето за растот на цените во трговијата и дали е можен дополнителен раст, своевиден ценовен шок, Бектеши рече дека и претходно биле преземени мерки со кои цените на некои производи се замрзнати.
„Ако има ценовен шок ние ќе интервенираме имајќи го предвид Законот за трговија, а особено кога тоа станува збор за основните прехранбени производи. Секој ден ги следиме цените и ако забележиме скок на цените, ќе интервенираме. Но, треба да се знае дека не станува збор за 50 проценти зголемени цени, како што се тврди во јавноста“, изјави Бектеши..






