„Будно следиме, ако има потреба на почетокот на следната година ќе интервенираме со предвидените средства во буџетот, зашто знаеме кога на граѓаните и на стопанството ќе им биде потребна помош од страна на Владата“, рече Битиќи.
Тој потенцира дека 65-те милиони евра што беа предвидени со одлуката за прогласување на енергетска криза не се наменети само за набавка на електрична енергија, туку, појасни, тие се поделени во три различни мерки.
„Мислам дека во јавноста се даде една погрешна информација, 65 милиони евра се поделени во три различни мерки. Една од мерките е набавката на јаглен, затоа што само набавката на дополнителните количини а јаглен ќе ни овозможи дополнително производство на електрична енергија, која е далеку поевтина од таа која што можеме да ја набавиме на берзата. Само за споредба, сегашната цена на производство на јаглен е за четири пати пониска од што можеме да ја набавиме на берзата и затоа ние се стремиме на набавка на јаглен, на отворање нови количини на јаглен од нашите извори иако се со слаб капацитет“, рече Битиќи.
Понатаму, како што додаде, се случува снабдувачите не електрична енергија за стопанството, но и за јавните институции, да ги раскинуваат договорите и таму ние сакаме да го вклучиме државниот капацитет, односно ЕЛЕМ Трејд, кој во суштина ќе набавува струја со подобра цена од другите што набавуваат.
„Направивме сет на мерки и тој изнесува 65 милиони евра кои што во наредните шест месеци ќе бидат гаранција и за домаќинствата и за стопанството“; рече Битиќи.
Тој рече дека ТЕЦ Неготино ќе проработи според предвидениот план и нагласува дека дефектите во македонските централи се случуваат зашто во овој сектор не е инвестирано десет – дваесет години.
„Мислам дека ТЕЦ Осломеј ќе почне како што е предвидено. Се случи една мала хаварија со трансформаторот за блок 3 во РЕК Битола и започнувањето на блок 3 ќе биде малку одложено за подоцна во декември. Но, и таму сметам дека до крајот на оваа или почетокот на следната седмица ќе биде завршена подтендерската постапка за набавка на јаглен. Има заинтересирани кои што треба да осигурат и даваат гаранција дека ќе има јаглен“, рече тој.
Евентуалните испади кои што ни се случуваат во блоковите, според Битиќи, се случуваат, како последица на застаеноста на капацитетите и недоволно инвестирање во минатите 10, 15 и 20 години во нивна модернизација.






