среда, 15 април 2026

Адора: Стратешки е важно топланите Исток и Запад да се во сопственост на домашна компанија

Објавено на

часот

Сподели

Во јавното обраќање потпишано од генералниот директор на Адора инженеринг Ванчо Чифлиганец и заменик генералниот директор и одговорен за овој бизнис Душко Чифлиганец, за реакцијата на Здружението на граѓани акционери во Топлификација – Скопје се вели дека тие не сакаат да спорат со нив.

„Адора инженеринг не е запознаена со историјата и случувањата со Топлификација АД низ годините и навистина не би заземале став околу истите. Она што за нас како компанија е познато е дека за Топлификација АД беше отпочната стечајна постапка и имотот кој што веќе години наназад е стопанисуван од БЕГ без да има сопственост за истиот, односно го користи под наем, беше предмет на продажба од страна на стечајната постапка. Идејата и интенцијата на Адора инженеринг беше најдобронамерна и позитивно стратешка за градот Скопје, односно оценивме дека топланите Исток и Запад, кој што впрочем се од највисок јавен интерес заслужуваат да станат во сопственост и владение на домашна компанија, како не би биле предмет на изнајмување од страна на странски компании.     

Адора инженеринг се пријави на транспарентна јавна лицитација за купување на пакет број 1 од лицитацијата, односно само имотот на топланите Исток и Запад. За да биде јасно, ние не го купивме целиот имот на Топлификација проценет на 30 милиони евра, не купивме никакви идни побарувања, сопственички удели во ТЕ-ТО, ниту ништо друго освен топланите Исток и Запад. Исто така, исклучително важно е да се знае дека имотот на топланите Исток и Запад, кој што всушност се делот кој влегува во регулираниот бизнис со топлинска енергија е проценет на 17 милиони евра, во Регулаторната комисија за енергетика тие се со запишана сметководствена вредност од околу 8 милиони евра, на кој износ се пресметува одреден регулиран принос на капитал. На јавната лицитација можеше да се пријави кое било лице или субјект. Лицитацијата беше организирана од стечаен управител и Адора инженеринг немаше апсолутно никакви ингеренции ниту улога во истата, освен како заинтересирана странка. Лицитацијата беше без почетна цена со единечен праг на наддавање од 165.000 евра, односно некој можеше да понуди 165 илјади евра и лицитацијата да заврши. Адора инженеринг понуди највисока цена, односно 9,27 милиони евра со сите вклучени даноци, по што немаше понатамошни понуди.  

Овој бизнис во овој момент има многу мала или, кога од одобрениот принос на капитал, т.н. WACC, ќе се одземат банкарските камати, речиси и да нема економска исплатливост. Моменталниот одоборен принос на капитал WACC, односно регулираната определена заработувачка од бизнисот е на историско најниско ниво, односно двојно помала во споредба со неколку години наназад. Во исто време, предизвиците за оперирање на истиот, поради глобалните неприлики, неизвесност и инфлација се поголеми од кога било. Транспарентно изјавуваме дека Адора инженеринг ќе стопанисува со овој бизнис со цел да најде економска логика за повратот на оваа инвестиција. За ние да сме во можност и да имаме оправданост да ја развиваме оваа гранка на проактивен начин, круцијално е за нас како инвеститори, да се има економска логика во работењето. Тоа не значи задолжително зголемување на цената за греење, бидејќи во целиот процес веруваме дека постојат начини да се направат заштеди, оптимизации и модернизации во работењето, со што финално би можело да се добие и поголема економска исплатливост во работењето и реални сметки за граѓаните. Исто така, би сакале транспарентно да соопштиме дека цената на гасот е најголемиот фактор во крајната цена на топлинската енергија, а денес цената на гасот е на рекордно високо ниво, што не значи дека задолжително ќе остане така, односно во иднина, овој ценовен шок би требало да се стабилизира.

Како сублимација би сакал да го кажам следното. Би сакал да ја повикам јавноста да се воздржи од обвинувања спрема мојата компанија, односно моето семејство. Во минатото овој бизнис пропаднал, за што како што кажав на почетокот, не би сакал да давам коментари околу истото. Нашата идеја беше исклучиво мотивирана од желбата овој бизнис да биде во домашни раце. Адора инженеринг е прв правен субјект досега што реално платила за овој бизнис. Односно топланите во градот Скопје се изградени во 60-те години со тогашни државни пари. Околу 2000-та година, Топлификација АД се приватизира од страна на вработените. Од 2013-та година, друштвото БЕГ производство стопанисува со топланите без да има сопственост врз нив, односно ги има под наем. Ние денес, за првпат од кога постојат, плаќаме 9,3 милиони евра за истите. Адора инженеринг ќе го употреби целото наше менаџерско знаење, искуство и визија да оствари оптимизација, модернизација и заштеди во процесот, што како резултат ќе обезбеди заштеди за граѓаните, а за нас како инвеститори, транспарентна економска исплатливост од бизнисот. За Адора инженеринг, износот на оваа инвестиција не е воопшто занемарувачки, односно успешноста или неуспешноста на истата може да биде од егзестинцијален карактер за компанијата. Овие средства исто така имаат опуртунитетен трошок и постојат многу можности за нивно вложување во останати деловни гранки.

Доколку Собранието на доверители одлучи дека не е задоволно со понудата, Адора инженеринг е подготвена да ја прифати одлуката на Собранието на доверители, без разлика дали е позитивна или е негативна за нас“, се вели во јавното обраќање на првите двајца луѓе на Адора инженеринг.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ