недела, 24 мај 2026
Билјана Ванковска

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Шармот на кинеската дипломатија: Две средби, една политика

Низа околности, предвидливи и непредвидливи, доведе до тоа очите на светот да бидат вперени во Пекинг во текот на една цела недела.

Бранувањата не стивнуваат, анализи сè уште се редат; се толкуваат дури и протоколарни, па и тривијални аспекти (како „говорот на телото“) од средбите на претседателот Си со претседателот Трамп (14-15 мај) и претседателот Путин (19-20 мај). Веднаш да разјасниме дека „густината на настаните“ не беше наместена: датумите за средбата со рускиот претседател беа утврдени уште во февруари, а поводот беше одбележување значаен јубилеј во билатералните односи. Од друга страна, посетата на Трамп беше најнапред одложена, а потоа и под облак на неизвесност (поради настаните иницирани од САД и Израел во Иран).

Како и да е, сите што и малку се интересираат за светската политика и односите меѓу големите сили имаа можност да ја видат кинеската дипломатија на дело и тоа во два навидум различни контексти: во односите со голема сила која не е пријателски расположена кон Кина и кон голем и важен сосед. Двајцата гости доаѓаа со сопствениот „багаж“ и проблеми, а веројатно и барања. За сензационалистички или навивачки анализи апсолутно нема место, значењето на овој настан ги надминува таквите дефокусирања од суштината. Сите анализи за „говорот на телото“ или „протоколарните пораки“ се плитки, па и бесмислени. Двајцата високи гости беа дочекани со беспрекорно внимание, како што само Кинезите знаат да демонстрираат. Речиси една недела подоцна, во интелектуалните и академски кругови впечатоците се сталожија, или веројатно свртеа кон вообичаениот наплив на вести за други настани. Сепак, ќе се обидам од птичја перспектива да сумирам нешта кои ми оставија најголем впечаток, односно ќе се обидам отворам аспекти на анализата за кои малку се пишуваше. Двете средби, со сите нивни разлики и нијанси, ги гледам низ призмата на практичното демонстрирање на кинеската надворешна политика. Од марксистичка гледна точка, тоа е прашање за односот на теоријата и праксата.

Текст од ваков вид е прекус за подлабока елаборација, но фокусот треба да се стави на најмалку две-три суштински прашања. Првото се однесува на тајниот шарм на надворешната политика и дипломатија „со кинески карактеристики“, за што – реално – малку знаеме.  Вториот акцент е на различното дефинирање на односите на Кина со САД (ривал) и на тие со Русија (голем и важен сосед): „конструктивна стратегиска соработка во билатералните односи“ наспроти „сеопфатното стратегиско партнерство“. Што тоа значи за еден фрагментиран поредок? Дали е тоа примена на двојни стандарди, избор меѓу „пријатели“ и „непријатели“ – или менаџирање на различностите и контрадикциите на флуктуирачкиот поредок? Третото прашање тукушто го отвори една паметна авторка од Бугарија на нејзиниот Сабстак профил. Таа прашува (со голема доза на песимизам): дали е воопшто можно да се воспостави разумен дијалог меѓу (како што вели таа) Истокот и Западот? Со други зборови: дали дипломатскиот речник, пораките и подадената рака воопшто допреа до Вашингтон (а и Брисел)? Секоја од овие теми заслужува опсежна елаборација, но за тоа во друга прилика.

При одговарањето на првото прашање, но и на секое наредно треба да се води сметка за почетната премиса на кинеската надворешна политика под Си Џинпинг: иманентната, суштинска поврзаност на внатрешната и надворешната политика (всушност, во „мое време“ кога студирав на Правниот факултет, ова беше темелната идеја на тогашниот политички систем и надворешна политика на неврзаност, мирољубива коегзистенција и соработка). Кинеската надворешната политика е неделива од политичката економија. Со други зборови, таа е продолжение на развојната политика со други (ама невоени) средства. Дипломатијата ѝ служи на својата нација и нејзиното добро, но не чини зло кон другите. Ова кај нас изгледа сосема наопаку, бидејќи неретко имаме чувство дека нашата надворешна политика е фокусирана на отворање врати за неоколонијализам и експлоатација, без водење сметка за националните интереси и социјалниот развој. Нејсе!

Навистина, фактите зборуваат за две сосема различни средби одржани во Пекинг, но двете водени од иста политика. Трите принципи за односите со големите сили, кои така перфектно и јасно, ги демонстрираше кинескиот претседател на средбите со Трамп и Путин се идентични, колку тоа и да звучи необично: а тие се – меѓусебно почитување, мирна коегзистенција и заедничка добивка. Кина не крие дека се залага за нови меѓународни односи – затоа што светот е променет, не само таа. И тоа го прави водена од конзистентно зацртани принципи во повеќе документи и иницијативи во изминатите години. Всушност, со својата далековидност и мудрост (наследена низ милениумски развој на цивилизацијата), овој мултиполарен хаос веќе беше предвиден, а како одговор се понудија повеќе опции. Иницијативата појас и пат, заедно со Глобалната иницијатива за развој, Глобалната безбедносна иницијатива и Глобалната цивилизациска иницијатива не се нафрлени зборови или нешто ставено на хартија без практична вредност. Во овој контекст, кинеската дипломатија не е само обична комуникација меѓу различните држави (особено големите сили кои го „нишаат бродот“). Таа е вид на системско менаџирање во услови на отсуство на глобален поредок.

И најновиот Петгодишен план експлицитно ја сместува земјата во „свет на забрзани промени досега невидени во изминатиот век“, каде технолошкотo раздвојување (decoupling), преструктуирањето на синџирот на достава и геополитичката фрагментација не се аномалии, туку структурни одлики на сегашниот сплет на околности (кажано со марксистичка терминологија). Затоа планирањето не е технократска пракса, туку суштински метод за навигација во глобалната системска нестабилност. Дипломатијата служи на т.н. подмладување на нацијата, но и на заедничкиот глобален просперитет: „Ќе ги усогласиме интересите на кинескиот народ уште потесно со интересите на другите народи, а кинеската модернизација – со модернизацијата на другите земји“ (од говорот на кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји уште од декември 2025 година). Духот со кој се води генерално кинеската дипломатија, а особено онаа на највисоко претседателско ниво е токму она што Западот никако не може ни да го сфати, а камо ли примени: win-win соработка, односно соработка во која целта не е да се „победи“ или „порази другиот“ (најмалку пак да се уништи и разурне) – туку да се оствари хармоничен однос во кој двете (или сите) страни просперираат, и покрај разликите меѓу нив.

Mастер-лекцијата којашто Си Џинпинг ја одржа на отворена сцена за само една недела покажа на дело претворање на зборовите во дела, или практична демонстрација на една длабоко промислена надворешна политика. Кинескиот лидер покажа истовремено љубезност, респект, но и јасна решителност и вештина во управувањето со контрадикциите, а не нивно игнорирање. Таму каде што требаше да се посочи „црвената линија“ – тоа беше сторено недвосмислено. Кина размислува и се однесува стратешки, плански, со долга перспектива. Ова зборува за сосема обратна темпорална димензија од онаа по која функционира Западот (каде времето е пари и се инсистира на брзи „решенија“, а всушност „скока“ од грешка во грешка, создавајќи сè поголем хаос), без стратегиско размислување – а најмалку за доброто на другите, дури и ако се сојузници.

Иако некои ѝ забележуваат пасивност или резервираност, Кина под Си Џинпинг не е веќе реактивна сила, туку проактивен актер: таа не чека светот да се промени, туку активно го дизајнира управувањето со неговата фрагментација. Можеби кинескиот лидер нема време да шета по светот затоа што Пекинг постепено се претвора во дипломатски „хаб“: таму буквално немаат време да ги соберат црвените теписи за разни делегации, вклучително и од западните земји (кои едно зборуваат, друго прават). Ова не е израз на ароганција, ниту желба за демонстрација надмоќност. Во Кина нема Овална соба во која се понижуваат и толчат другите. Но, многу поважно е што сè поголем број земји (сакале или не) сфаќаат дека Си Џинпинг е (метафорички кажано) „возрасниот во собата“. Ова е израз на едно структурно поместување на глобален план: Кина станува неопходен јазол, место на спојување на дипломатијата на големите сили, но и на останатите кои се подготвени за соработка.

За нас е важно да сфатиме дека иако е точно дека Кина одамна сфати дека политиката на големите сили веќе не се врти само околу Западот (кој е и внатрешно поделен до степен на трагикомедија). Последната голема дипломатска недела во Пекинг покажа дека Кина не игра на картите на непринципиелна и лицемерна политика, ниту создава непријатели, туку станува стабилизирачки центар во еден крајно несигурен свет.

Сцената на еден Трамп кој се однесува крајно пристојно вредеше „милион долари“. Веќе самото тоа беше голем успех. За Путин не зборувам затоа што нему ова му беше 25-та посета на Кина, и не знам која по ред средба со Си Џинпинг, а за интелектуалниот капацитет и да не зборувам (додека пиеле чај верувам дека разговарале за најважните прашања, но повремено спомнувале некој поет или мудрец. Што да зборуваш со Трамп во слободно време?!). Предложениот концепт на „конструктивни билатерални односи за стратешка стабилност“ (со САД) се чита како позитивна стабилност со соработката како главна цел, умерена конкурентност, одржлива стабилност со разлики кои можат да се менаџираат меѓу двете страни и стабилност која ветува мир, а не конфронтација. Ова е формула не за „статус кво“, туку за избегнување на најлошото со земја чиј лидер има име кое тешко се поврзува со зборот „стабилност“ или „стратешко размислување“ (тоа е оксиморон, се сложувам – но најлошото е избегнато, а тоа е најважно). Останува да видиме како Трамп ќе излезе од „кашата“ во Иран која заедно со Нетанјаху ја запржи, но и како ќе се справи со економските последици. Оваа формула на Си е всушност подадена рака и порака: ние ќе останеме различни, секој ќе си ги брка своите интереси, но на начин кој нема да ја провоцира другата страна.

Односот со Русија е сосема друга работа. Замислете кога САД и Кина би воспоставиле добрососедски односи (иако ги дели океан, нели?) и кога средбите на лидерите, министрите, експертите би се одвивале со иста динамика – во тек на цели 25 години! Но, додека Кина и Русија стапија во стратегиско партнерство во огромен број подрачја (и многу ме радува оваа Година на образованието и читањето), тие практично покажаа како се надминуваат историските поделби, како се поврзуваат граѓаните, студентите, итн. Едноставно кажано, ова е врска во која не се гради анимозитет кон „другиот“, туку се прифаќа каков што е, се соработува – без да се ставаат на грб неговите сопствени проблеми. Кина и тука прави мудра диференцијација. Тоа дека Русија не е привилегиран партнер, зборува фактот дека формулата за „стратегиско партнерство“ е еден механизам на градење блиски односи на соработка со огромен број држави. Кина практично има најгуста мрежа на стратешки партнерства во светот. Таа е дизајнирана како своевиден антипод на западниот модел на алијанси (како НАТО), бидејќи тоа се флексибилни политичко-економски архитектурни решенија, со различни нивоа на „блискост“ по држава – според желбата на секој партнер, а не со условување, притисоци или закани. И во духот на заедничката иднина на човештвото.

За жал, партнерството на Македонија со Кина се наоѓа во најниската/базична форма на таа дипломатска хиерархија. Деновиве сме сведоци на една речиси незамислива ситуација: веднаш по посетата на Трамп (нашиот сојузник, нели) на Пекинг, а да не зборувам за другите сојузници (од Канада до Шпанија и Франција), потпретседателот на македонската Влада е поканет на самит во Кина. Реакцијата на „демократската опозиција“ на СДСМ го обвини Иван Стоилковиќ за вмешаност со руски и кинески интереси. Кинеската амбасада јавно го пофали храбриот чекор на владиниот претставник, укажувајќи на желбата за соработка со регионот од нивна страна. Веројатно со моите текстови одамна и мене ме имаат сместено во категоријата на „руски/кинески ботови“ – со таа разлика што јас сум само слободен интелектуалец и мислител (што е дрскост само по себе).

За крај, на овој подолг текст, како што веќе спомнав, постојат и мислења дека револуцијата во сфаќањето на меѓународните односи и придонесот на Кина на светски план се веќе задоцнети, бидејќи светот се наоѓа на работ на амбисот. Како што вели бугарската геополитичка аналитичарка, Анастасиа Гешева, на Западот веќе не остана ни разум ни сензибилитет. Кина (Истокот) нема со кого да разговара. Нејзиниот заклучок е дека Кина и сите кои себе се гледаат како не-Запад, ова одамна го сфатиле и дека постепено градат нов мултиполарен систем. Таа верува дека длабокиот цивилизациски јаз меѓу разумот, чесноста и моралната одговорност ја направиле дипломатијата со Западот структурно невозможна. Честопати себе си се гледам во истите чевли на песимистот (или реалистот), па тежнеам средбата Си-Трамп да ја опишам како „изгубен во преводот“ (можам да се обложам дека американскиот претседател не слушнал ни за Тукидид, а камо ли за „Тукидидовата замка“).

Сепак, ако нешто воопшто можеме да научиме од Кина, тоа се неколку работи: внатрешната и надворешната политика на една стабилна и здрава држава се во хармонија. Тие се надополнуваат, односно надворешната политика е продолжение на внатрешната со други средства, а дека благосостојбата на својот народ е на прво место. Нечинењето зло на другите, толеранцијата и сфаќањето на различноста е втората лекција. Средбата на Си и Трамп беше демонстрација, барем за кратко, дека и еден нахален и невоспитан човек замолчува пред мудроста и смиреноста. Тоа значи дека се може и со луѓе/држави кои не држат до својот збор. Кинезите не се наивни, но даваат шанса и отвораат пат за неконфронтирачка соработка. Факт е дека двете држави се меѓусебно зависни од односите во економијата, размената, достапноста до потребните суровини и ретки минерали, итн. САД и Кина ги дели океан (и цивилизациски јаз), но во економска смисла се „соседи“. Таинствениот успех на кинеската дипломатија е токму во тоа што за сè има мерка, нуди решенија наместо да создава проблеми, не гради антиамериканска или антизападна  хистерија, и најважно – не се наметнува ниту како спасител, ниту како хегемон. Нејзината грижа е кинескиот народ. Кога секоја власт би работела во интересот на својот народ и дома и надвор, лидерите сепак би наоѓале полесен начин да се разберат. Да се надеваме дека и Западот не е статичен. Трамп не е цела САД. Судбината не е предодредена, а можеби постојат здрави внатрешни сили кои работат на радикална промена кон подобро, кои се подготвени за диверзитет и за нов свет во кој ќе бидат едни од многуте актери. Впрочем, испитувањата на јавното мислење во САД покажува сè поголема отвореност за соработка со Кина.

Билјана Ванковска

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

Прва конференција за транзиција од фосилни горива

Радован М. Спиридонов

Републиката загубена во превод

Александар Иванов

Архитектура на балканската трагедија: Туѓи наративи, киднапирани институции и единствениот излез

Братислав Димитров

Не паркирај, бушам гуми

Ѓoрѓи Илиевски

Обесправени студенти на Филозофскиoт факултет

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ