И тука проблемот не е само во Груби. Проблемот е во впечатокот, а впечатокот е создаден од самите институции, дека и натаму постојат луѓе во обвинителството и судството кои работат под сенката на старите политички центри на моќ. Дека некои „дебели пипци“ од поранешната власт сѐ уште стигнуваат до обвинителски канцеларии, судски одлуки и истражни постапки.
Како поинаку да се објасни фактот дека човек кој беше во бегство 14 месеци добива домашен притвор наместо ефективен? Како да не се постави прашањето за двојни аршини кога обични граѓани завршуваат во Шутка за далеку помали дела и без никакво претходно бегство? Како да нема сомнеж кога истрагата се развлече во тајност, без јасни информации дали воопшто се движи кон обвинение?
Јавноста не бара спектакли. Бара еднаквост пред законот. А токму тука системот повторно паѓа на испит.
Најопасно е што институциите со своето однесување сами ја хранат перцепцијата дека за „обичните“ има закон, а за моќните, преговори, калкулации и тактизирање. Домашниот притвор на Груби не би предизвикал толкава реакција ако Македонија немаше долга историја на селективна правда, пропаднати случаи и мистериозно омекнати обвиненија за високи функционери.
Не треба да се генерализира дека целото обвинителство е заробено. Но, уште помалку треба наивно да се верува дека старите мрежи на влијание исчезнале преку ноќ. Тие со години градеа мрежа на лојални судии, обвинители, полицајци и механизми за нивна заштита и нивен опстој. Денес тие можеби не се толку видливи, но очигледно сѐ уште се доволно силни за да создадат сомнеж кај јавноста дека правдата не оди по закон, туку по телефон.
И токму тоа е најголемиот пораз на државата.
Зашто кога граѓаните ќе почнат да веруваат дека исходот на истрагите не го одредуваат доказите, туку политичките и бизнис-врските на осомничените, тајните договори и финансиските релации со оние што треба да ги гонат, тогаш не се руши само довербата во правосудството. Тогаш се руши темелот на државата.
Случајот со Груби затоа мора да добие брза, транспарентна и правно чиста разрешница. Не поради политички реваншизам, туку поради опстанокот на елементарната доверба дека во оваа држава законот важи за сите. И за моќните. И за недопирливите. И за оние што со години мислеа дека системот им припаѓа ним.
А што ако поминат и тие 180 дена?
Што ако човек кој беше во бегство 14 месеци, поради неспособност, калкулации или нечии „пипци“ во системот, излезе како слободен граѓанин без завршена постапка? Тогаш веќе нема да зборуваме само за еден предмет. Ќе зборуваме за целосен институционален пораз. За држава во која правдата знае да биде брза само кога суди сиромашни, а бескрајно трпелива кога се работи за поранешни и сегашни моќници.
Во таков случај, јавноста нема да поверува дека станува збор за случајност или правна процедура. Ќе поверува дека системот повторно ги заштитил своите. А довербата што еднаш ќе се урне, многу потешко се враќа отколку што се губи.
Сѐ уште ни одѕвонуваат во ушите случаите во кои правдата мистериозно знаеше да омекне кога на удар ќе се најдат луѓе од врвот или луѓе блиски до врвот на системот. Случајот „Мазут“ остана симбол на селективна правда и чувство дека крупните играчи секогаш некако успеваат да поминат „низ капките“. Пред тоа бевме сведоци и на аферата со земање мито од страна на поранешен судија на Врховен суд на Македонија во спрега со член на Судски совет.
Јавноста ги памети и другите болни примери во кои функционери што со години ја пљачкосуваа државата добиваа симболични казни, а огромниот имот стекнат на грбот на граѓаните чудесно стануваше „легален“. Во исто време, бројни кривични постапки тивко пропаѓаа поради застареност, не како случајност, туку како резултат на свесно развлекување и институционална негрижа.
Токму затоа денес многу граѓани повеќе не веруваат дека правдата е само бавна. Веруваат дека бавноста е дел од стратегијата. Стратегија во која на крајот ,,и волците се ,,сити’’ и овците се на број’’.
Затоа денес, кога случајот со Артан Груби се движи во чудна тишина, со домашен притвор по 14 месеци бегство, со бавна истрага затворена зад дебели врати и со сѐ уште непочнато сослушување, сомнежот кај јавноста не е производ на политичка фантазија. Тој е производ на искуство.
Искуство што граѓаните го стекнаа гледајќи како премногу крупни случаи завршуваат без вистинска одговорност. Државата останува ограбена и сѐ посиромашна, довербата во институциите речиси целосно уништена, а „арамиите“ трпеливо чекаат да помине времето на истрагите и застарувањата за слободно да уживаат во опљачканото.
Во меѓувреме, кај народот сѐ повеќе се вкоренува чувството дека колку е поголем криминалот, толку е поголем и интересот еден криминален случај никогаш да не добие судска завршница. Бидејќи во оваа изопачена математика, колку повеќе ќе се „натовари“ функционерот, толку поголем станува интересот никој навистина да не биде осуден.
И така, на крајот, сите остануваат задоволни и „среќни“ освен државата и граѓаните кои сиве овие години дебело ја плаќаат цената.
Јове Кекеновски











