Според нивната студија, катастрофалниот судир се случил кога Млечниот Пат бил погоден од џуџестата галаксија позната како Гаја Колбас (Gaia Sausage). Млечниот Пат ја распарчил галаксијата и ги впил нејзините ѕвезди, но хаосот што настанал најверојатно го превртел целиот галактички диск во положбата во која се наоѓа денес.
Астрономите користеле симулации на суперкомпјутер за да покажат дека галаксии слични на Млечниот Пат, кои доживеале ваков директен судир, најверојатно минуваат низ таканаречено „превртување на дискот“, процес што постепено ја менува нивната ориентација. Водечкиот истражувач Кирил Батраков изјави дека тој процес веројатно траел најмалку неколку стотици милиони години.
Откритието било направено додека научниците го истражувале необично бавното движење на ѕвездите во галактичкото хало – реток, речиси сферичен облак од ѕвезди што го опкружува Млечниот Пат. Повеќето од тие ѕвезди првично се формирале во помали галаксии, кои подоцна биле привлечени и апсорбирани од Млечниот Пат.
Податоците од сателитот Гаја на Европската вселенска агенција покажуваат дека ѕвездите во дискот на Млечниот Пат кружат околу центарот на галаксијата со брзина од околу 220 километри во секунда. Наспроти тоа, ѕвездите во халото се движат многу побавно, со околу 25 километри во секунда.
За да го објаснат тој контраст, истражувачите анализирале компјутерски симулации на еволуцијата на галаксии слични на Млечниот Пат. Резултатите покажале дека ваквото бавно движење на ѕвездите во халото се јавува кога галаксијата претрпела директен судир со објект со големина на Гаја Колбас, по што следело превртување на дискот.
Наодите неделава се претставуваат на Националниот астрономски собир на Кралското астрономско друштво во Бирмингем.
Постоењето на древниот судир првпат беше откриено во 2018 година, кога меѓународен тим астрономи, користејќи податоци од мисијата Гаја, ги анализираа орбитите на ѕвездите во Млечниот Пат.
Дел од нив се движеле по необични, издолжени орбити што потсетувале на колбас, што ги навело научниците да заклучат дека потекнуваат од џуџеста галаксија што директно се судрила со центарот на Млечниот Пат. Поради тие специфични орбити, галаксијата го добила името Гаја Колбас.с
Астрономите денес сметаат дека тоа бил последниот голем судир во историјата на Млечниот Пат и настан што суштински ја променил неговата структура. Судирот придонел за формирањето на централното галактичко испакнување и доминантно го обликувал ѕвезденото хало.
Иако се класифицира како џуџеста галаксија, Гаја Колбас содржела ѕвезди, гас и темна материја со вкупна маса поголема од 10 милијарди сонца.
Следниот голем судир се очекува дури по неколку милијарди години, кога Големиот Магеланов Облак ќе се спои со Млечниот Пат.
Во меѓувреме, веќе е во тек спојување со многу помалата џуџеста галаксија Стрелец, но научниците очекуваат дека тоа ќе има значително помало влијание.
„Таа не е толку масивна како Гаја Колбас, па нема да влијае врз Млечниот Пат во иста мера. Освен тоа, Млечниот Пат денес е многу помасивен отколку што бил тогаш“, изјави Батраков.





