Најсериозен бил пожарот што избувнал ноќеска околу 1:42 часот на булеварот „Никола Карев“ во близина на скопски Бит Пазар. Според информациите од полицијата, цел на огнот било патничко возило „Фолксваген туран“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на 32-годишен скопјанец. Пламените јазици делумно зафатиле и паркирано „БМВ“, сопственост на 25-годишен жител на Арачиново. Пожарот бил локализиран од екипи на скопската противпожарна бригада, а полицијата извршила увид.
Претходно, на 12 јуни во раните утрински часови, бил пријавен пожар пред станбена зграда на булеварот „Борис Трајковски“. Огнот најпрво избувнал на два кабли, а потоа се проширил на два ормари за електрична инсталација на ЕВН. Пожарот бил изгаснат без последици по граѓаните, а се испитуваат причините за неговото настанување.
Пожар бил регистриран и во Штип. Според пријавата до полицијата, две лица во подрумска просторија во зградата на поранешниот комбинат ЗИК „Црвена Ѕвезда“ запалиле стари класери, по што го напуштиле местото. Интервенирала Територијалната противпожарна единица Штип која успешно го изгаснала огнот.
Полицијата работи на расчистување на сите случаи и утврдување на причините и евентуалната одговорност за настанатите пожари.






