сабота, 13 јуни 2026

„Скејтбордингот не е за девојчиња“ ја освои Нора Ефрон наградата на фестивалот Трибека

Дина Дума е првата македонска режисерка што ја добива Нора Ефрон наградата на фестивалот Трибека во Њујорк, Соединетите Американски Држави (САД).

Објавено на

часот

Сподели

Режисерката Дина Дума ја освои Нора Ефрон наградата на фестивалот Трибека во Њујорк за својот втор долгометражен филм „Скејтбордингот не е за девојчиња“, кој ја имаше својата светска премиера во рамки на фестивалот.

„Нора Ефрон наградата е специјално признание што се доделува на исклучителна жена филмска авторка која го претставува духот и визијата на легендарната американска сценаристка, режисерка и писателка Нора Ефрон. Со ова признание, Трибека ја препозна Дина Дума како силен женски авторски глас на меѓународната филмска сцена“, велат од ПР тимот.

Во образложението на жирито се истакнува дека Нора Ефрон претставува пример за тоа како јасен женски авторски глас во патријархален свет може да отвори врати за многу други.

„Делото на Ефрон често го поставуваше прашањето, како жените преживуваат во непријателски свет? Нашиот избор за добитничка на оваа награда одговара на тоа прашање на многу начини“, се наведува во одлуката на жирито.

Жирито го опиша филмот „Скејтбордингот не е за девојчиња“ како лирски и политички, допирлив и автентичен, трогателен и топол, а истовремено проткаен со радост и хумор. Во образложението дополнително се истакнува дека, давајќи им глас на оние кои најчесто остануваат без глас, Дина Дума ја воведува публиката во посебно, длабоко човечко искуство, преку конкретни ликови кои ја слават солидарноста и семејството.

„Скејтбордингот не е за девојчиња“ беше дел од Интрнешенл наратив компетишн, главната меѓународна натпреварувачка програма на фестивалот Трибека.

„’Скејтбордингот не е за девојчиња’ е во продукција на ‘Сестри и брат Митевски’, со продуцентка Лабина Митевска, по сценарио на Дина Дума, Лидија Мојсовска и Теона Стругар Митевска. Во главните улоги се Ефќар Абаз, Симонида Селимовиќ, Џефрина Јашари и Ганимет Абдула. Филмот е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска, со поддршка од Агенцијата за филм наМакедонија, Еуроимаж, Криејтив Јуроп Медиа и фондови од земјите копродуценти“, информираа од ПР тимот.

Од ПР тимот велат дека со наградата Нора Ефрон, Дина Дума добива едно од значајните специјални признанија на фестивалот Трибека, кое го истакнува значењето на женската авторска перспектива, храброста да се раскажуваат комплексни приказни и силата на филмот да отвори простор за гласови кои ретко добиваат видливост на големата сцена. Наградата има и паричен фонд од 25.000 долари, како директна поддршка за понатамошниот авторски развој и за создавање нови филмски проекти.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ