Основано во 2018 година, дуото зад себе има многубројни награди и настапи на меѓународни фестивали и концертни подиуми, а со својата работа активно придонесува и за промоцијата на современото македонско музичко творештво.
Името на дуото не е случајно – инспирирано е од култната „Дениција“ на Петре М. Андреевски, а врската меѓу македонската традиција и современиот музички израз е препознатлив дел од нивниот уметнички идентитет. По повод нивниот најнов албум „ДоМа“, разговараме со Анастасија и Александар за музиката, инспирацијата, заедничкото творење и за патот што ги води од Македонија до светските концертни сцени.
Заминавте во Германија од Македонија — како изгледа таму животот на двајца македонски класични гитаристи кога ќе се изгасат рефлекторите и ќе заврши концертот?
Кога ќе заврши концертот и ќе се вратиме во секојдневието, најчесто сме во некоја нова фаза на подготовка. Покрај настапите, работиме како педагози, развиваме нови проекти, истражуваме репертоар и соработуваме со композитори и колеги музичари. Се обидуваме да останеме љубопитни и отворени кон различни форми на уметност и култура, бидејќи токму тие често се извор на нови идеи и инспирација. Всушност, животот на еден професионален музичар не се состои само од концертите што публиката ги гледа туку и од сето она што се случува меѓу нив.
Што ви дадоа животот и музичкото образование во Германија, а што и понатаму ви дава Македонија како чувство и инспирација што не може да се научи на академија?
Животот во Германија ни даде можност да студираме во класата на проф. Герхард Рајхенбах на еден од најреномираните музички факултети, Факултетот за музика и танц во Келн, но и драгоцено животно искуство. Нè научи на дисциплина, истрајност, многу работа и на тоа секогаш да бараме решение, дури и кога на прв поглед изгледа дека не постои.
Македонија, пак, ни го дава чувството на дом – во неговата најтопла и најискрена смисла.

Кога европската публика слуша дека сте од Македонија, како реагира?
Со големо задоволство раскажуваме од каде доаѓаме. Често се случува дел од публиката за првпат да „се запознае“ со Македонија, со нејзината култура и музичка традиција токму преку нашите концерти. Особено ни се драги разговорите по настапите, кога љубопитноста за музиката прераснува во интерес за земјата од која доаѓаме.
Неретко, посетители од публиката ни кажуваат дека би сакале да ја посетат Македонија и веќе нè прашуваат како најлесно би можеле да стигнат до неа. За нас, тоа е една од најубавите потврди дека музиката навистина ги поврзува луѓето и културите.
Колку е тешко денес двајца млади класични гитаристи да живеат од уметност без компромиси?
Денес е тешко да се живее од уметност без никакви компромиси. Времето во кое живееме бара постојано приспособување, иако можеби секое време ги носело своите предизвици. Сепак, она од што не отстапуваме е нашиот идеал во музиката. Тоа не е лесен пат и често бара повеќе време, трпение и откажување од брза и лесна слава, но токму тоа е патот што свесно го избираме, останувајќи им верни на нашите уметнички убедувања.

Дали класичната музика денес е елитистичка или само запоставена?
Искрено, не сметамe дека класичната музика е елитистичка. Напротив, денес таа често е подостапна од многу други музички жанрови. Голем дел од концертите се со слободен влез или со симболични цени на билетите, а сепак неретко гледаме дека многу поскапи настани од сосема поинаков карактер ги полнат салите и арените. Затоа прашањето за нас не е дали класичната музика е недостапна, туку дали како општество доволно ја вреднуваме.
Зад еден концерт стојат години посветена работа, образование, дисциплина и секојдневно усовршување. Тоа е процес што бара огромна инвестиција од уметникот, а сепак често останува на маргините на јавниот интерес. Не мислиме дека проблемот е во елитизмот, туку во тоа што денес живееме во време во кое вниманието сè потешко се задржува на содржини што бараат подлабоко слушање и доживување. Вистинската уметност никогаш не била прашање на популарност, туку на трајна вредност, а класичната музика токму затоа опстојува со векови.
Дали ве нервира денешното „брзо“ консумирање музика преку Тикток, рилсови и 15-секундни видеа?
Би рекле дека повеќе нѐ загрижува отколку што нѐ нервира. Тажно е кога ќе се земе предвид колку труд, енергија и емоција се вложени во секој детаљ од една музичка изведба или видео, а на крајот вниманието се сведува на неколку секунди. Секако, новите платформи носат и нови можности за допирање до публиката, но веруваме дека уметноста бара време, концентрација и вистинско доживување. Додека вредноста на музиката се мери првенствено преку лајкови, споделувања и број на следбеници, постои ризик уметноста да се претвори во содржина што брзо се консумира и уште побрзо се заборава.
Може ли класичната гитара и понатаму да допре до младите луѓе што растат со алгоритми и кратко внимание?
Се разбира. Класичната гитара и денес успева да допре до младите луѓе и не случајно е еден од најпопуларните инструменти на музичките факултети низ целиот свет. А оние што не се занимаваат со музика би ги охрабриле да посетуваат концерти на класична музика, опера или балет. Колку и да им изгледа тоа далеку од нивниот секојдневен свет, добриот вкус се гради и се надградува. Бидете љубопитни за вистинската уметност и барем понекогаш оддалечете се од шундот што сè почесто ни се нуди како култура!

Како изгледа еден ваш ден кога се подготвувате за голем настап? Колку таму има инспирација, а колку сурова дисциплина?
Искуството нè научи дека денот на концерт не е пресуден, најважна е подготовката во неделите и месеците претходно. Затоа немаме некаков строг ритуал и денот го доживуваме како секој друг ден.
Сме имале и интересни ситуации: еднаш, непосредно пред концерт во Германија, Александар сфати дека си ги заборавил чевлите, па наместо да се концентрираме на настапот, баравме продавница за да купи нов пар.
Другпат, само три часа пред концерт, колешка нè замоли да пополниме дел од програмата на нејзин настан, па за кратко време требаше да пробаме и да се подготвиме. Токму ваквите моменти нè научија дека инспирацијата е важна, но без дисциплина и добра подготовка претходно, нема мирна глава на сцена. А на самиот ден? Заедничко утринско кафе, расвирување, кратка проба во салата, и тоа би било тоа.
Што е потешко: соло настап или целосно да зависиш од друг човек на сцена?
Соло настапот и камерното музицирање не би ги поставиле во таков контекст. Тоа се две сосема различни форми на музицирање, еднакво предизвикувачки и еднакво прекрасни. Секој изведувач може повеќе да се пронајде во едната или во другата дисциплина, а некои еднакво во двете.
За нас, камерното музицирање е формата што најмногу нè инспирира. Не станува збор за зависност еден од друг на сцената, туку за комуникација, заемно слушање и создавање дијалог на најубавиот можен јазик – јазикот на музиката.
Како им објаснувате на Германци или на друга европска публика што е тоа „македонска емоција“ во музиката?
Тука навистина нема простор за објаснување. Оставаме да ја доживеат.
Вашето дуо го носи името „Дениција“, а на едно од вашите цедеа стои стихот од Петре М. Андреевски „…ништо повидливо од мојата трага пред мене и зад мене, со мене и во мене“. Што има во неговата поезија што толку длабоко ве следи и во музиката? Дали „Дениција“ за вас е само книжевна инспирација или и некаков уметнички манифест?
За нас, „Дениција“ е едно од најубавите дела во македонската литература. Начинот на кој Петре М. Андреевски пишува за љубовта, за припадноста и татковината длабоко резонира со нас, па токму затоа го избравме тоа име за нашето дуо. Не би рекле дека „Дениција“ е наш уметнички манифест во буквална смисла, но е дел од нашиот уметнички идентитет и од вредностите што ги носиме со себе.
Колку македонската традиционална музика може да се пренесе преку класична гитара без да ја изгуби душата?
Како пример може да го наведеме нашиот проект „ДоМа“, кој го реализиравме во соработка со нашите врвни македонски композитори: Дарија Андовска, Панде Шахов, Ана Пандевска, Ангел Спироски, Вања Ѓумар Николовски и Филип Иванов, кои маестрално успеаја да ја пренесат традиционалната македонска музика во современ музички контекст. Токму ваквите пристапи ѝ овозможуваат на нашата музичка традиција да допре до нова публика и да продолжи да живее низ нови форми на изразување. Веруваме дека менувањето на формата во никој случај не значи „губење на душата“. Напротив, ако суштината и емоцијата останат зачувани, тогаш музиката добива можност повторно да се открива и да се доживува од нови генерации слушатели.

Што помислувате кога ќе слушнете дека Балканот „извезува таленти“?
Тоа ни звучи како потврда дека доаѓаме од регион со исклучително богата музичка традиција и голем број талентирани музичари. Наместо „извоз“, повеќе го гледаме како природна размена и присуство на балканските уметници на светската сцена.
Што ви недостига од Македонија, а што воопшто не ви недостига?
Ни недостигаат семејството и пријателите, како и спонтаноста во секојдневниот живот и блискоста што лесно се создава меѓу луѓето. Од друга страна, воопшто не ни недостигаат загадениот воздух и сообраќајната некултура.
Која публика е „потешка“ за освојување, странската или домашната?
Од нашето досегашно искуство, не би можеле да кажеме дека едната публика е потешка за освојување од другата. И дома и во странство сме доживеале прекрасни средби со публика и исклучително емотивни концерти. Настапите во Македонија носат посебно чувство на блискост, бидејќи свириме пред луѓе со кои споделуваме заеднички културен и животен контекст, додека нè радува што странската публика пристапува со отвореност и љубопитност. На крајот, најважно е кога преку музиката се создава искрена врска со публиката, без разлика каде настапуваме.
Кога денес ќе дојдете во Македонија, доаѓате ли како дома или веќе малку и како гости?
Секогаш како дома.
Ако утре треба со само една композиција да ѝ ја претставите Македонија на светската сцена — што би избрале?
Не можеме да избереме една композиција, албумот „ДоМа“ би бил нашиот избор.
По сите зборови за домот, музиката и припадноста, можеби е најдобро последниот збор да му се остави на албумот „ДоМа“. Тој е достапен на сите дигитални платформи, а за оние што сакаат дел од таа музичка приказна да остане и на полицата, неговото физичко издание може да се нарача преку официјалната страница на Дуо Дениција или ЦД „ДоМа“.
А.Д.






