Согласно образложението на пресудата, судот оцени дека кривична одговорност на Зоран Јованов не може да се заснова само врз фактот што тој е сопственик на возилото и што неговиот полнолетен син управувал со тоа возило без возачка дозвола, по што предизвика тешка сообраќајна несреќа во која загина Фросина Кулакова.
„Законодавецот ваквото однесување изречно го регулирал и санкционирал како прекршок во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, а судот не може преку проширено толкување на кривичниот закон да создава нови облици на кривична одговорност кои законодавецот не ги предвидел. Повторувањето на едно прекршочно однесување, само по себе, не го претвора во кривично дело. Бројот на прекршоците не може да создаде нов правен квалитет на дејствие доколку не се исполнети законските обележја на конкретното кривично дело“, се наведува во соопштението на Основниот кривичен суд Скопје.
Оттаму додаваат дека во конкретниот случај, непосреден извор на опасност и непосреден причинител на настанатата последица )сообраќајната несреќа и смртта на Кулакова) е полнолетниот возач како самостоен учесник во сообраќајот.
„Кривичното право почива врз начелото на лична и индивидуална одговорност, поради што последиците од самостојното постапување на едно полнолетно лице не можат автоматски да му се припишат на друго лице само поради роднинска врска или поради сопственост на возилото“, велат од Кривичниот суд.
Против оваа пресуда странките имаат право на жалба пред второстепениот, Апелациски суд, Скопје.
Сообраќајната несреќа која ја предизвика Васил Јованов, а во која загина Фросина Кулакова, се случи на 29 јануари 2025 година на булеварот „Партизански одреди“ во центарот на Скопје. Поради тоа, Васил Јованов е правосилно осуден на 13 години затвор, казна која ја издржува во затворот во Идризово, скопско.






