Решавањето проблеми, логичкото планирање и апстрактното размислување се функции на клучен дел од мозокот познат како префронтален кортекс, кој е познат по својата нефлексибилност.
„Тој дел од мозокот е создаден да извршува една задача во даден момент, што често е добра работа“, изјави професорот по невронаука на Медицинскиот факултет на Универзитетот Џорџтаун, Максимилијан Ризенхубер, главен автор на истражувањето.
Тој додаде дека човекот може да се насочи кон една работа и да потисне сè друго за да остане сосредоточен на задачата.
Невронаучниците претходно претпоставуваа дека кога е принуден да „жонглира“ со повеќе задачи, преоптоварениот префронтален кортекс се обидува брзо да преминува од една задача на друга.
Експериментот што го спровеле Ризенхубер и неговите колеги открил дека мозокот има алтернативен механизам што може да се развие со текот на времето преку повторување и акумулирано искуство. На тој начин мозокот може да се „репрограмира“ за потсвесно да извршува една задача, ослободувајќи го префронталниот кортекс да се насочи кон нешто друго.
Долгорочната меморија е клучот
Во рамките на истражувањето, единаесет мажи и жени на возраст од 18 до 29 години поминале неколку часа разгледувајќи компјутерски генерирани слики од автомобили како дел од игра базирана на апликација и научиле да ги класифицираат во една од две категории врз основа на сличностите и разликите во формата.
Во период од пет до десет недели тие ја повториле задачата за класификација повеќе од 30.000 пати.
На почетокот од експериментот, уредите за снимање што им овозможиле на истражувачите да следат кои делови од мозокот се активираат покажале дека префронталниот кортекс ја извршува задачата.
Меѓутоа, кога мозоците на учесниците повторно биле анализирани по многу недели класификација, било откриено дека тие користеле друг дел од мозокот, познат како темпорален кортекс, кој има важна улога во складирањето на долгорочните сеќавања.
Според Ризенхубер, резултатите покажале дека додека префронталниот кортекс учи како да извршува одредена активност, тој ги организира информациите и воспоставува врски што овозможуваат тие да бидат пренесени во темпоралниот кортекс.
„Тоа на некој начин го автоматизира процесот, со што се ослободуваат челните делови на мозокот за да можат да се занимаваат со нешто друго што бара внимание“, објасни тој.
Способноста потсвесно да се извршуваат повеќе задачи истовремено преку различни мозочни региони објаснува многу навидум извонредни способности што повеќето од нас секојдневно ги покажуваат без воопшто да размислуваат за нив.
Како возењето автомобил
Ризенхубер како пример го наведе возењето автомобил. Додека младите луѓе кои штотуку учат да возат мора целосно да се концентрираат за да управуваат со возилото, искусните возачи можат лесно да возат додека истовремено разговараат или слушаат музика.
Психологот и професор на Одделот за неврохирургија на Универзитетот на Јужна Флорида, Мајкл Шенберг, изјави дека ова објаснува и зошто луѓето можат да развијат високо специјализирани вештини, како што се анализирање снимки од мозокот или изведување гимнастички елементи на олимписко ниво.
Некои луѓе можеби имаат мозок кој природно е повешт во процесот на репрограмирање потребен за истовремено извршување повеќе задачи.
Експериментот во Џорџтаун открил значителни разлики во брзината со која учесниците успевале да го намалат ангажманот на префронталниот кортекс и да го користат темпоралниот кортекс за категоризација на автомобилите.
Шенберг смета дека сите ние би можеле подобро да ги искористиме способностите на мозокот за истовремено извршување повеќе задачи, дури и кога сме во шеесеттите или седумдесеттите години и забележуваме дека новите задачи не ги совладуваме толку брзо како порано.
Вештачката интелигенција може да ни се врати како бумеранг
Професорот Шенберг, исто така, предупреди дека преголемото потпирање на технологијата за помош при извршување повеќе задачи истовремено, како што е препуштањето на пишувањето или анализата на податоци на генеративната вештачка интелигенција, може негативно да се одрази врз нашиот мозок.
Новото истражување покажало дека сопствените способности за истовремено извршување повеќе задачи почнуваат да се развиваат дури откако ќе се стекне одредено ниво на стручност.
На долг рок, можно е прекумерната употреба на вештачка интелигенција да доведе до тоа нашиот мозок да стане помалку вешт во сложените вештини.
„Нема да можете целосно да совладате одредени работи ако вештачката интелигенција постојано ги извршува наместо вас. Способноста за истовремено извршување повеќе задачи се развива преку ефикасно препознавање обрасци, што овозможува побрзо донесување одлуки и истовремено обработување на други информации“, заклучи Шенберг.






