понеделник, 8 јуни 2026

Одбележани 165 години од „Зборникот на браќата Миладиновци“, епохалното дело и живиот глас на Македонците

Денес не одбележуваме само едно книжевно дело. Денес оддаваме почит на еден од најголемите столбови на македонската културна и духовна историја. Зборникот на браќата Миладиновци е сведоштво за народната мудрост, традиција и идентитет, зачувани низ времето благодарение на нивната посветеност, визија и љубов кон народното творештво – нагласи во своето обеаќања Анета Механџиска, директор на ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје која денеска свечено одбележани 165 години од „Зборникот на браќата Миладиновци“.

Фото: МИА

Објавено на

часот

Сподели

Како што беше посочено на настанот посветен на значењето на делото на Димитар и Константин Миладинови, на кој присуствуваше и амбасадорката на Народна Република Кина во Македонија, Џијанг Сјаојен, Механџиска истакна дека браќата Миладиновци не собирале само песни, тие собирале животни приказни, меморија и гласот на еден народ.

„Во време кога културниот и националниот идентитет се чувал преку зборот, тие создале дело што и денес претставува темел на македонската литература и на културното наследство. Особена чест ни претставува што токму библиотеката, која гордо го носи нивното име, денес е место каде што нивното дело и мисија се негуваат преку промоција на пишаниот збор, јазикот и културата. Во време на брзи промени и дигитална комуникација, нашата мисија, не, нашата обврска е уште поголема – да ја чуваме книгата, да го чуваме пишаниот збор и да ги доближуваме вистинските вредности до младите генерации“, истакна таа.

Механджијска рече дека токму затоа библиотеките остануваат живи културни центри, места во кои минатото разговара со иднината.

„Сакам да изразам искрена благодарност до вработените во библиотеката, нашите соработници и поддржувачи, кои придонесуваат за зачувување и афирмација на македонското културно наследство. Нека ова одбележување биде потсетник дека големите дела живеат онолку долго колку што ние ги чуваме, читаме и пренесуваме“, порача Механџиска.

Писателот Братислав Ташковски пред присутните говореше за Зборникот и за делото на Миладиновци.

„Во живиот музеј на македонските гордости секогаш со златни букви ќе биде забележан датумот – 24 јуни 1861 година. Тој е нашиот вечен празник, денот кога во Загреб излезе од печат Зборникот на народни песни од браќата Димитрија и Константин Миладинови“, рече Ташковски.

Излегувањето на ова капитално дело, потсетува тој, е овозможено благодарение на несебичното залагање и материјалната помош на хрватскиот мецена, бискупот Јосип Јурај Штросмаер.

„Генезата на излегувањето на Зборникот како најзначајна книга на македонската преродба е исполнета со турбуленции. Таа почнува и се случува во географско-политичката тријада Македонија – Москва – Загреб. Песните главно ги собирал Димитрија и му ги испраќал на Константина, кој бил во Русија, каде што работел на терен да обезбеди можности и преспективи Зборникот да биде отпечетен во Москва како Зборник на македонски народни песни. Во тој периот Константин имал многу средби со истакнати слависти од Русија, кои биле воодушевени од материјалот, но и покрај сите негови заложби, да се испечати зборникот во Москва, до тоа не дошло, бидејќи постоеле многу ‘опстојателства’ кои биле против тоа. Тие опстојателства останале актуелни (за жал и денес), па така Константин се решава печетењето на зборникот да го направи во Загреб“, вели Ташковски.

По завршувањето на сите технички подготовки зборникот излегува од печат. Тој го носи следниот наслов: „Блгарски народни песни, собрани од Братја Миладиновци, Димитрија и Константин и издани од Константин во Загреб во книгопечатницата на А. Јакич“. За овој преседан, како дошло до тоа на збирката на македонските народни песни и умотворби да и се даде наслов кој не одговара на содржината, подвлекува Ташковски, досега многу покомпетентно и посодржински пишувале истакнати македонски авторитети како Кирил Пенушлиски, Харалампие Поленаковик, Димитар Митрев, Гане Тодоровски, Тодор Димитровски, Александар Спасов, Марко Китески и др. Тие компетентно ја објаснуваат последната фаза на генезата на Зборникот и може да се каже дека главен именител за преименувањето на зборникот, кој во Москва требало да излезе како „Зборник на македонски народни песни“, се веќе споменатите „опстојателства“ кои никогаш не мирувале.

„Според дел од овие истажувања менувањето на името на зборникот најверојатно дошло по барање од кабинетот на Штросмаер, најверојатно и од него лично, за да не дојде до забуна со термините „антички Македонци како потомци на Алаксандар Македонски“ и словенското население Македонци кои живееле на територија која некое време била во склопот на бугарската држава. Но, без разлика на сè и на сите „опстојателства“ Зборникот на Миладиновци е факт кој сведочи за постоењето и развојот на еден народ и неговиот јазик кој успеал да опстане како жив дух и покрај силните погроми, пропаганди и притисоци од тогашните соседни држави. Денес постоењето на ова капитално дело сè уште е изложено на вреднување со два различни критериума. Тие критериуми сè уште зборуваат различни јазици. Во тие лингвистички битки се заборава на суштинското и елементарно значење на Зборникот – да биде фолклорен именител на богатството на македонските и бугарските народни песни, кои ако се анализираат адекватно би требало да нè доведат до некаква фолклорна близина а не до погубен географски национализам. Во тој контекст треба да се заборави на феноменот на „првенството“, бидејќи тој за некого може да биде прогрес а за некого назадување; бидејќи не смееме да дозволиме минатото да го разбираме само како конструкција на умот и силата, него мораме да го разбереме како живот на кој ја должиме сегашноста. Јазикот во собраните песни не е имагинација, туку секојдневен јазик кој е употребуван од народот на територијата Македонија заедно со сите препознатливи разлики кои тогаш нè опкружувале“, вели меѓу другото Ташковски.

Според него, блискоста на јазиците ако не збижува тогаш таа е бездна и далечина околу која ечат два спротиставени краеви. Се разбираат, а не сакаат да зборуваат. За жал „опстојателствата“ кои Константин ги кажува пред 165 години постојат и денес. Наместо да имаме обострано почитувано двојазичје, вели, имаме гласен молк.

Повикувајќи се на убав поетски пример кој функционира, вели, на нашите балкански простори, ако се сака, може да се каже, бугарскиот јазик е Бугарија, македонскиот е Македонија, заклучува Ташковски уште еднаш поклонувајќи се кон епохалното дело на браќата Миладиновци.

„Тоа е нашето богатство, тоа е живиот глас на Македонците“, порачува Ташковски.

МИА

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ