Вишото јавно обвинителство во Белград објави дека вчера на територијата на општина Инѓија е откриено буре, во кое, се верува, би можеле да се наоѓаат останките на Александар Нешовиќ, кој бил убиен на 12 мај во белградскиот ресторан „27“.
Синоќа, во интервју за Српската радиотелевизија, Вучиќ изјави дека може да се претпостави со веројатност од 99,9 проценти дека телото на убиениот Нешовиќ е пронајдено во тоа буре, но дека ДНК анализата сè уште треба да се направи.
Началникот на Полициската управа во Белград Веселин Милиќ, поранешен советник на Вучиќ за борба против корупцијата и организираниот криминал, беше уапсен на 15 мај. Судот му изрече 30 дена притвор за неколку кривични дела, правно квалификувани како прикривање обид за убиство и спречување на истрагата за околностите на исчезнувањето на Александар Нешовиќ Баја на 12 мај, кого медиумите го поврзуваат со еден од белградските криминални кланови.
„Никој не е над законот и посилен од државата“, порача Вучиќ синоќа, истакнувајќи дека не може да потврди дека Нешовиќ е „убиен во присуство и соучество“ на началникот на белградската полиција.
„Ќе се справиме со валканите полицајци“, кажа Вучиќ, тврдејќи дека „сите актери во овој случај се уапсени“ и дека истрагата „се води без прикривање“.
Тој го нарече убиството и начинот на кој било скриено телото „застрашувачки“, оценувајќи дека тоа е „извршено од чудовишта, а не од луѓе“, бидејќи убиениот човек „не е ниту академик ниту некој без досие, но начинот на кој починал е застрашувачки“.
„Нашата реакција на ова ќе биде најжестока можна и ќе им го покажеме на сите чесното лице на полицијата… Не сакаме тајкунска полиција… тоа се 2-3 проценти од нив и целиот град знае дека се валкани полицајци. Нашите мерки ќе бидат жестоки“, нагласи Вучиќ.
Зборувајќи претходно за аферата, Вучиќ изјави дека станува збор за „исклучително тежок случај“ за државата и најави донесување закони и санкционирање на полициски или армиски службеници кои ги штитат криминалците и тајкуните.
Уапсениот Веселин Милиќ беше началник на белградската полиција од 2013 до 2018 година, кога беше назначен за советник на српскиот претседател Александар Вучиќ за борба против корупцијата и организираниот криминал, а во тоа време беше и помошник-директор на полицијата.
На крајот на 2020 година, со одлука на тогашниот министер за внатрешни работи Александар Вулин, тој повторно беше назначен за началник на белградската полиција. По откривањето на аферата, тој веднаш беше разрешен на 15 мај. Покрај Милиќ, во истрагата се уапсени уште 10 лица, меѓу кои и четворица полицајци.






