Ова го изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков.
„Путин нема профили на социјалните мрежи. Тој сам одговараше на тоа прашање и одговори дека нема време да води профили на социјалните мрежи. А не сака тоа да го прави некој наместо него, смета дека тоа е погрешно“, кажа Песков на образовниот маратон „Ново знаење“.
Еден од учесниците посочи дека младината денес најмногу се информира пред сè на социјалните мрежи, а таму е тешко да се најдат официјални информации кои ги објавиле руските власти.
Песков потсети дека Кремљ и владата се сè поприсутни на социјалните мрежи.
„Ако нè нема доволно, ќе се подобриме“, додаде портпаролот.
Во рамки на образовниот маратон, Песков кажа и дека во блиска иднина непознавање на барем еден програмски јазик ќе биде исто како човек да не знае да чита или пишува.
„Претходно дигитализацијата сепак повеќе се однесуваше на областа на егзактните науки, денес ги опфати сите области… Денес ни хуманистичките науки, ни хуманистичката област од нашиот живот, без оглед дали станува збор за културата, спортот, што било, не можат да се замислат без дигитализацијата, без платформите, без компјутерски апликации, без апликации за паметните телефони кои ги користите“, призна Песков, истакнувајќи дека е невозможно без основите на програмирањето да се реализираат некои идеи, без оглед дали станува збор за егзактните или хуманистичките науки.






