Во своето обраќање по повод основањето на БМТИК, Радев повика на градење мостови меѓу двете соседни земји и на надминување на поделбите меѓу нив.
„Решивме да ја создадеме БМТИК за да го изградиме темелот од бугарска страна на мостот, чија друга основа веќе беше поставена од Македонско-бугарската стопанска комора (МБСК)“, изјави Атанас Радев.
Според Антон Костадинов, мостот меѓу Бугарија и Република Македонија е речиси целосно изграден и покрај искушенијата во нивните односи во последните години.
„Тоа што треба да го направиме е да ги доразвиеме нашите меѓусебни односи“, истакна Костадинов, определувајќи го денешниот настан како уште еден чекор кон реализација на потенцијалот во трговско-економските односи меѓу двете држави.
„Целите пред нас се јасни – економска соработка, партнерство во различни сектори и продлабочување на економските врски“, додаде тој.
Антон Костадинов ја определи сегашната стоковна размена меѓу Бугарија и Македонија од 1,3 милијарди евра како „премала за потенцијалот на нашите економски односи“.
Во своето обраќање до учесниците, тој ги истакна и секторите со потенцијал за зајакнување на врските, кои треба да бидат основа за продлабочување на контактите – енергетика, градежништво, фармација, туризам и земјоделство.
Заменик-министерот повика на прагматичен, конструктивен и кон иднината ориентиран дијалог меѓу бизнис-организациите од двете земји.
Амбасадорката Руси-Поповска, која Атанас Радев ја претстави како иницијатор за создавањето на БМТИК, го определи денешниот настан како јасен сигнал за отклучување на трговско-економскиот потенцијал меѓу Бугарија и Република Македонија.
„Ова е повеќе од симболичен акт, ова е јасен сигнал за обновена амбиција кон практичност и заемна посветеност за отклучување на целиот економски потенцијал меѓу двете држави“, изјави дипломатката.
Амбасадорката Руси-Поповска истакна дека Бугарија е меѓу најзначајните трговски партнери на Македонија, не само како соседен пазар, туку и како врата кон ЕУ. Таа го поврза процесот на продлабочување на економските врски на Македонија со процесот на евроинтеграција на земјата.
Според нејзините зборови, трговските врски на двете земји се стабилни низ годините, при што Бугарија задржува силно извозно присуство, а Македонија постепено се воспоставува во регионалните синџири на снабдување.
Амбасадорката се заложи и за активирање на инвестициската активност меѓу двете земји, која таа ја определи како скромна на овaa етапa и како јасен показател за неискористен потенцијал.
„Треба да преминеме од трговска размена кон потесни меѓусебни односи, што вклучува взаемни инвестиции, форми на индустриска соработка, соработка во областа на иновациите и заеднички инфраструктурни проекти“, посочи амбасадорката Руси-Поповска.
Таа ги определи двете билатерални комори – БМТИК и МБСК – како стабилен мост и солидна платформа за размена на идеи, пазари и долгорочни стратегии.
Од своја страна, таа исто така ги истакна областите во кои има потенцијал за продлабочување на соработката – енергетика, производство, транспорт и дигитални услуги.
Таа призна дека недостигот на инфраструктура меѓу двете соседни земји го попречува развивањето на целосни стопански контакти, а го истакна и значењето на предвидливата и стабилна бизнис-средина, неопходна за привлекување долгорочни инвестиции.
На потребата од добра поврзаност – патна, железничка и воздушна – се осврна и Иван Тодоров, заменик-претседател на БТПП.
„За да развиваме бизнис, има неколку важни предуслови. Освен поддршката од страна на државата и можноста да користиме европски програми, важно е да има и добра инфраструктура. Се надевам дека во рамките на форумот ќе се искристализираат пораки кои претставниците и на бугарската држава и на Македонија ќе ги пренесат и презентираат пред надлежните институции“, рече Тодоров.
Тој исто така го истакна постоењето на голем потенцијал за бизнис-врските меѓу Бугарија и Република Македонија, кој до денес останува неискористен.
Иван Тодоров ги увери претставниците на двете земји дека БТПП е подготвена да ги поддржи претстојните бизнис-форуми.
Покрај церемонијата за основањето на БМТИК, се одржа и првата иницијатива на комората – „Бугарско-македонски бизнис-форум“. Целта на форумот, според Атанас Радев, е да ги зајакне бизнис-односите меѓу Бугарија и Македонија, да создаде нови можности за заеднички бизнис, идни форми на соработка и заеднички проекти, како и да ги одржува добрите меѓусебни односи и врски со државните и општинските институции. Од БМТИК имаат амбиција да организираат по два форума годишно – едниот во Бугарија, а другиот во Македонија.






