сабота, 25 април 2026

Во Јужна Африка се испитува нов сој на коронавирусот

Објавено на

часот

Сподели

Варијантата што ја проучуваат, наречена Ц.1.2, се појавила низ цела Јужна Африка, како и во седум други земји во Африка, Азија и Пацификот, и досега тие не се сигурни дали е позаразна или поотпорна на имунитетот стекнат преку вакцинација или претходна инфекција, пренесува Си-ен-ен.

„Повеќе мутации не значат секогаш поголема опасност, некои мутации може да го ослабнат вирусот, а комбинацијата на промени влијае на тоа дали вирусот станува поефикасен, бидејќи една дополнителна мутација може да ги поништи ефектите на друга и тоа е она што нашиот тим во моментов го истражува“, рече вирусологот Пени Мур од Националниот институт за инфективни болести на Јужна Африка.

Светската здравствена организација (СЗО) објави дека е премногу рано оваа мутација на вирусот да се означи како варијанта од интерес или загрижувачка варијанта, така што сѐ уште нема ознака од грчката азбука.

Водечката експертка на СЗО за ковид-19 Марија ван Керков истакна дека досега е откриено дека многу мал број луѓе, околу 100, на кои им е дијагностициран коронавирусот, се заразени со варијантата Ц.1.2. и дека СЗО ќе објави доколку тоа се промени, а дека делта-сојот сѐ уште е доминантен.

СЗО во моментов идентификува четири загрижувачки варијанти, кои полесно се пренесуваат, влијаат на тежината на болеста или различно реагираат на тестовите, вакцините или протоколите за лекување: алфа или Б.1.1.7, бета или Б.1.351, гама или П.1 и делта или Б.1.617.2, а некои, како алфа и делта-сојот, брзо се проширија и станаа доминантни соеви во голем дел од светот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ