петок, 24 април 2026

Ветеринарните друштва загрижени дека руралните средини ќе останат без ветеринарни лекари

Ветеринарните друштва бараат исплата на заостанатите финансиски средства од минатата година и зголемување на цените, за да се обезбеди одржливост на ветеринарната професија. Во спротивно, постои опасност во блиска иднина руралните средини да останат без ветеринарни лекари.

Објавено на

часот

Сподели

Од Ветеринарната комора посочуваат дека ветеринарната професија е една од петте најнеплатени професии во државата и дека тоа иницира недоволен интерес и кај младите за изучување на ветеринарната медицина.

„Еден од најакутните проблеми е немањето доволно финансиски средства што државата ги одвојува во однос на здравствената заштита на животните и кратењето на буџетот. Да не го заборавиме моментот дека ветеринарната професија е меѓу петте најнеплатени професии во нашата држава, што имплицира недоволен интерес кај младите за изучување на ветеринарната медицина и акутен недостиг на ветеринари за третман на фармските животни. Значи, руралните средини во блиска иднина ќе останат без ветеринари лекари. Тоа значи дека ако ветеринарната професија е одговорна за јавното здравје во државата, тоа значи дека се загрозува здравјето и на животните и на луѓето“, вели Томислав Николоски, извршен директор на Ветеринарната комора.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека се подготвува нова одлука за висината на надоместоците и дека со ребалансот на буџетот ќе биде познато колку дополнителни средства ќе бидат одобрени.

„Со претставници  од Ветеринарната комора и Владата разговаравме за корекција на цените. Дали тоа ќе биде во висина од 40 или 50 проценти ќе се знае откога ќе биде донесен рабалансот. Што се однесува до нас, во финална фаза е подготовката за тоа. Заостанатите обврски од 2025 година се доставени за исплата до трезор и во согласност со утврдената динамика од Министерството за финансии се врши исплатата на финансиските средства“, вели директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Оливер Миланов.

Во финална фаза е и законот за здравје на животните, кој предвидува регионализација во рамките на осумте региони.

„За решавање какви било проблеми, во согласност со договорот што го постигнавме со Ветеринарната комора, еднаш до двапати месечно ќе одиме во посета на секој од регионите со цел нивно заедничко надминување“, појаснува Миланов.

Смета дека е потребен системски пристап, кој ќе биде во насока на подобро вреднување на трудот на оваа категорија вработени и дека од суштинска важност се и прашањата што се однесуваат на зголемување на интересот на новите генерации за оваа професија за што, вели, потребно е вклучување на повеќе фактори во опшетството.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ