Седум полицајци се повредени, а пет лица се уапсени минатиот викенд во местото Алкала де Енарес во близина на Мадрид.
Во Барселона, млади фрлале камења и повредиле шест полицајци, а се разбегале дури по акцијата на интервентната полиција, која го потиснала нападот со пендраци и штитови.
„Никогаш не сме биле сведоци на ваков вид насилство без политички причини во позадина“, рече Роберто Сеихо, секретар на синдикатот на баскиската полиција. Во градот Сан Себастијан, 14 лица се приведени, а во соседната покраина Кантабрија, 18 лица.
Откако во мај во Шпанија е укинат полицискиот час, илјадници млади луѓе ноќе се собираат на градските плоштади, паркови или покрај фонтани без заштитни маски, со што се заканува појава на нови жаришта на коронавирус, од чии последици починале повеќе од 84.000 луѓе.
Меѓутоа, младите досега не биле толку агресивни кон полицијата која се обидува да ги спречи нивните масовни собири.
Експертите за ментално здравје велат дека причините за таквото однесување се комплексни.
„Многу млади луѓе веќе долго време се очајни, фрустрирани поради рестриктивните мерки, но и поради тривијализација на насилното однесување. Кога ќе почувствуваат дека насилното однесување не се потиснува, тие продолжуваат со тоа“, изјави психологот Хозе Антонио Луенго за шпанската јавна телевизија ТВЕ.
Секоја од 17 автономни покраини воведува свои епидемиолошки мерки. Каталонија, на брегот на Средоземното море, во вторникот одлучи да не ги отвора ноќните клубови сè додека не се стабилизира ситуацијата во болниците.
Во Шпанија, земја со 47 милиони луѓе, 69,1 проценти од луѓето се целосно вакцинирани и од скоро на ред дојдоа младите луѓе.






