петок, 14 ноември 2025

Судијка од Орегон привремено му забрани на Трамп да испрати Национална гарда во Портланд

Федерална судијка во Орегон привремено ја блокираше администрацијата на претседателот Доналд Трамп да испрати војници на Националната гарда во Портланд, што е удар за претседателот кој се обидува да распореди војска во градовите и покрај противењето на демократските лидери.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Одлуката на судијката Карин Имергут дојде откако администрацијата на Трамп одлучи да повика војници од Калифорнија и Тексас, само еден ден откако таа привремено го забрани распоредувањето на 200 војници на Националната гарда на Орегон во Портланд.

Имергут рече дека нема докази дека неодамнешните протести барале присуство на војници на Националната гарда, без оглед на тоа од која држава доаѓаат.

Одлуката донесена вчера, која ќе остане на сила барем до 19 октомври, значи дека администрацијата на Трамп не може да испрати војници на Националната гарда во Портланд, додека Орегон и Калифорнија бараат подолгорочна пресуда.

Белата куќа и Пентагон не коментираа веднаш.

Пентагон претходно вчера објави дека испраќа 200 припадници на Калифорниската Национална гарда во Орегон за да ја „поддржат Службата за имиграција и царина на САД и други федерални службеници во извршувањето на нивните службени должности, вклучително и спроведување на федералниот закон и заштита на федералниот имот“.

Националната гарда е милициска сила која дејствува на државно ниво и одговара пред гувернерите, освен кога е повикана во федерална служба.

Трамп рече дека нивното распоредување во Портланд било неопходно како одговор на протестите во имиграцискиот центар во градот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ