Така, во јуни оваа година, компанијата за месо ЏБС им плати на хакери 7,8 милиони фунти за да ѝ го вратат пристапот до нејзините компјутерски системи. Истиот месец, најголемиот американски национален гасовод „Колонијал“ им плати 3 милиони фунти на хакери откако ги заклучија системите на компанијата, предизвикувајќи неколкудневен недостиг од гориво и парализирајќи го источниот брег, пишува Гардијан.
„Тоа беше најтешката одлука што ја донесов во мојата 39-годишна кариера во енергетската индустрија“, рече генералниот директор на гасоводот Џозеф Блунт пред Конгресот.
Во јули, хакери ја нападнаа и софтверската компанија Касеја, барајќи 50 милиони фунти. Како резултат на тоа, стотици супермаркети беа затворени во Шведска, бидејќи нивните каси не работеа.
Како изнудуваат пари?
Криминалните банди прво ги хакираат компјутерските системи поврзани со интернет, го заклучуваат пристапот до нив, а потоа го продаваат клучот за дешифрирање во замена за плаќања со биткоини. Цели им се сите училишта, болници, аеродроми, владини агенции, нафтоводи, универзитети, осигурителни компании, дистрибутери на хемикалии, па дури и производители на оружје. Сѐ уште никој не ги хакирал контролорите на летање, но некои веруваат дека тоа е само прашање на време.
Сите организации се ранливи, а „идеални“ се средните компании, кои имаат доволно приходи за да го платат откупот, но не се доволно големи за да имаат тимови што се грижат за сајбер-безбедноста.
„Секој што користи компјутерски системи поврзани со интернет е ранлив“, вели д-р Херб Лин, експерт за сајбер-безбедност на Универзитетот Стенфорд.
Овие хакери дејствуваат како организирани банди. Некои од членовите се специјализирани за идентификување на компромитирани системи и добивање пристап, додека други се занимаваат со преговорите за откуп.
Колку се опасни?
„Знам дека некои дури имаат пристап до системи за лансирање балистички ракети… Сосема е можно тие да почнат војна“, рече еден неименуван портпарол на РЕвил во интервју.
„Но мислам дека нема да го сторат тоа, бидејќи тоа не е профитабилно“, додаде тој.
Денес, овие банди најчесто изнудуваат пари од поединци. Доколку жртвите не платат, нивните украдени податоци се „фрлаат“ на интернет или на Дарквеб му се продаваат на најдобриот понудувач. Некои од украдените податоци може да предизвикаат сериозни проблеми кај жртвите. РЕвил на тој начин неодамна се закани дека ќе ги открие тајните на извршниот директор на Инвенергија, Мишел Полски, откако овој одби да плати откуп.
„Ги знаеме неговите тајни, ќе споделиме со вас неколку одвратни фотографии и многу интересни факти од неговиот живот“, напишаа хакерите на својот дарквеб-блог.
Коронавирусот воведе нови правила на игра
Пандемијата се покажа особено плодна за рансомвер-бандите. Според извештајот на софтверската компанија што се занимава со сајбер-безбедност, Битдефендер, нападите минатата година се зголемени за 485 проценти.
„Од почетокот на пандемијата, повеќе луѓе работат од дома од кога било досега“, рече Софија, експерт за кризни комуникации, специјализирана за советување компании што се цел на рансомвер-хакери.
Во претходните години тие дури успеаја да ги хакираат луѓето преку „далечински управувачи“.
„Повеќе време на интернет значи повеќе начини за можни напади. Во последната година и пол, правилата и начините на играње (хакирање) се целосно изменети“, вели таа.
Секој што ќе го плати рекетот е должен да молчи
Она што е специфично за сите жртви на хакерски напади е тоа што тие го почитуваат кодексот Омерта, закон за молчење, кој постои уште од славните денови на италијанската мафија. Правилото се почитува буквално, никој нема да ви каже ни збор за тоа.
„Постои стигма и страв од нови жртви“, изјави неименуван извор за Гардијан.
Во Русија ги има мал милион
Русија и Иран се главните бази на хакери што користат откуп. На форумите каде што хакерите комуницираат едни со други најчесто се користи кирилицата.
„Никој не вели дека руската влада ги изведува овие рансомвер-напади, но тие обезбедуваат простор во кој руските сајбер-мафии функционираат непречено и подготвуваат хакерски напади, кои потоа ги изведуваат надвор од територијата на Русија. Државата замижува на тоа. Премолчаниот договор е дека само ако го хакирате рускиот систем, ќе имате проблеми“, рече Лин.
На прашањето зошто руските власти се толку попустливи, Лин рече дека тоа е затоа што веројатно од нив се плаши и самиот Путин.






