вторник, 26 мај 2026

Си-ен-ен: Администрацијата на Трамп им забрани на американските експерти за заразни болести да комуницираат со СЗО

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп им забрани на клучните американски службеници за проучување на заразни болести директно да разговараат со претставници на Светската здравствена организација (СЗО), ефикасно спречувајќи некои од нив да учествуваат во глобални дискусии за епидемии на вируси, според увид во документи и повеќе извори со кои Си-ен-ен разговарал.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Администрацијата на Трамп издаде директива со која им се забранува на лицата од Националниот институт за алергии и заразни болести да комуницираат со СЗО.

Федералната здравствена агенција со децении ја водеше д-р Ентони Фаучи, кој го надгледуваше развојот на третмани за закани за јавното здравје како што се ХИВ/СИДА и ковид-19.

Забраната беше во сила кога избувна епидемија на хантавирус, на која беа изложени некои Американци.

Според Си-ен-ен, ограничувањата во комуникацијата малку се ублажиле во последните недели, поради интензивирањето на уште една епидемија – епидемијата на ебола, која избувна во Демократска Република Конго.

Сега, на некои службеници на Националниот институт им е дозволено да присуствуваат на состаноците на СЗО, но само во мали групи и само во „улога на слушатели“, според е-пошта од висок службеник на Институтот во која увид имал Си-ен-ен.

Секоја понатамошна реакција на состаноците ќе биде дадена од американското Министерство за здравство, агенцијата што го надгледува Институтот.

„Ќе работиме на ист начин за ебола како што го работевме за хантавирусот, со тоа што ќе собереме мала група експерти – не повеќе од тројца по група – за да учествуваат. Доколку имаме легитимни прашања во врска со истражувањето или идеи за контрамерки за тестирање, можеме да ги изнесиме преку соодветниот команден синџир“, се вели во е-поштата.

Овие ограничувања ја попречуваат брзата соработка со глобалните партнери, изјавија повеќе сегашни и поранешни здравствени службеници на САД.

Еден вработен од Институтот рече дека ова е „невидено“ кога САД реагираат на нова закана за јавното здравје.

Директивата е дел од поширока кампања за повлекување на администрацијата на Трамп од глобалните здравствени форуми.

САД се повлекоа од Светската здравствена организација во јануари по наредба на Трамп, потег што беше широко критикуван од службениците за јавно здравје.

Во исто време, многу американски здравствени агенции имаат привремена управа, па така САД немаат директор на агенција за јавно здравје, главен оперативен директор за здравство, раководител на Администрацијата за храна и лекови, заменик-секретар за здравство и раководител на Центрите за контрола и превенција на болести.

Набљудувачите велат дека вакуумот во лидерството е без преседан.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ