сабота, 18 април 2026

Што е ламбда-сојот на коронавирусот: брзо се шири, пред сѐ во Латинска Америка, вакцината е најдобриот лек

Објавено на

часот

Сподели

Колку е опасен ламбда-сојот, кој забрзано се шири, особено во Латинска Америка?

Сој „Ц37. Анди“, или едноставно ламбда.

Можно е името на овој сој наскоро да се најде на насловните страници низ целиот свет.

Пред една недела, Светската здравствена организација (СЗО) го класифицираше овој сој како „варијанта од интерес“ (VOI, Variants of Interest), бидејќи доведува до често заразување и се појавува истовремено во неколку земји.

Поточно во 29, а седум од нив се латиноамерикански земји: Бразил, Колумбија, Еквадор, Мексико, Аргентина, Перу и Чиле.

Варијантата ламбда првпат се појави во август 2020 година во Перу.

Скоро една година подоцна, тој вид доминира таму со 82 проценти.

Во Чиле, овој сој ја предизвикува секоја трета инфекција.

Хаиро Мендез-Рико, експерт за вирусни заболувања во Светската здравствена организација, за Дојче веле изјави: „Досега нема индикации за агресивно однесување на варијантата ламбда. Иако постои можност за поголема стапка на инфекција, сепак сѐ уште немаме втемелени истражувања за споредување на овој сој со варијантите гама и делта“.

Вакцината – најдобро средство против разните соеви

Варијантите гама и делта спаѓаат, како и претходните алфа и бета варијанти, во „загрижувачките соеви“ (VOC, Variants of Concern).

Докажано е дека се позаразни, потешко се контролираат и доведуваат до сериозни болести.

Хаиро Мендез-Рико вели дека вакцината е ефикасен лек против мутираните соеви: „Сите одобрени вакцини генерално се ефикасни против сите варијанти на короната што кружат низ целиот свет. Нема причина да се претпоставува дека тоа не е случај со сојот ламбда“.

Дали сојот ламбда е само почетокот? Многу научници тврдат дека пандемијата ќе заврши дури кога ќе се вакцинираат 80 проценти од светската популација.

Дотогаш, постојано може да се појавуваат нови варијанти на вирусот.

Сепак, Хаиро Мендез-Рико смирува: „Иако ја има таа можност, во моментов нема знаци дека варијантите се поопасни или доведуваат до зголемена смртност. Коронавирусот веројатно ќе стане позаразен во својот еволутивен процес, но не и поштетен за домаќинот.“

Во Јужна Америка се заканува трет бран

Веројатно ќе мора да се навикнеме на тоа дека во Латинска Америка, каде што се пријавени повеќе од милион смртни случаи, се појавуваат нови соеви на коронавирусот.

Во Колумбија се појави исклучително заразната варијанта Б.1.621. Преоптоварени здравствени системи, голем дел од населението што работи не може да се придржува до мерките ако сака економски да преживее, недостиг од вакцини – сето ова е идеална мешавина за варијантите како ламбда.

„Чиле вакцинираше над 60 проценти од населението, но таа земја е исклучок на континентот“, вели перуанскиот научник и додава: „Многу е веројатно дека нови варијанти на вирусот ќе се појават во јужноамериканската зима, меѓу јули и септември, со трет бран, можеби не поопасен, но, секако, позаразен“.

Пандемијата може да се потисне само на глобално ниво

По донаторската конференција на програмата за помош Ковакс, во почетокот на јуни беа собрани 9,6 милијарди долари за вакцинација во посиромашните земји: 1,8 милијарди дози на вакцина ќе бидат распределени во 90 земји. Тоа е почетокот. Се чини дека сите полека сфаќаат дека пандемијата може да заврши само со глобални напори.

„Стратегијата на богатите земји сега може да биде само што е можно побрзо снабдување на посиромашните земји со вакцини, бидејќи во спротивно секогаш ќе се појавуваат нови варијанти на вирусот“, вели Пабло Цукајама, потсетувајќи дека за короната сè уште важи дека никој не е безбеден сè додека сите не бидат безбедни.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ