четврток, 21 мај 2026

Русија и Кина застанаа на страната на Куба против САД

Русија изјави дека ќе ја поддржи Куба и покрај „обидите на САД да ја заплашат и притиснат со санкции“, а Кина се спротивстави на „злоупотребата на правни средства“ по обвинението на поранешниот кубански претседател Раул Кастро во САД еден ден претходно.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

САД вчера го обвинија 94-годишниот Кастро за убиство на Американци во 1996 година, што претставува ескалација на кампањата на Вашингтон против Куба, каде што комунистите се на власт од револуцијата во 1959 година предводена од покојниот брат на Раул, Фидел.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, им изјави на новинарите дека Русија ќе продолжи „активно да го поддржува братскиот кубански народ во овој исклучително тежок период“.

„Ја потврдуваме нашата целосна солидарност со Куба и силно ги осудуваме сите обиди за мешање во внатрешните работи на суверена држава, заплашување и користење нелегални еднострани рестриктивни мерки, закани и уцени“, рече таа.

Захарова не даде никакви детали за поддршката што ќе ја обезбеди Русија, но рече дека САД ја покажуваат својата „нетолеранција кон каква било форма на опозиција“.

Кина исто така го нагласи своето противење на „злоупотребата на правните средства“, објави АФП. „Кина отсекогаш се спротивставувала на нелегалните еднострани санкции кои немаат основа во меѓународното право и се спротивставува на злоупотребата на правните средства“, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гуо Џиакун.

„Соединетите Американски Држави мора да престанат да се закануваат со санкции и со законот против Куба и да престанат постојано да се закануваат со употреба на сила. Кина цврсто ја поддржува Куба во одбраната на нејзиниот национален суверенитет и достоинство и се спротивставува на какво било странско мешање“, нагласи тој на редовниот брифинг за медиумите.

Соединетите Американски Држави го обвинија Раул Кастро, братот на Фидел Кастро и заколнат непријател на Вашингтон, за заговор за убиство на Американци во случај од 1996 година. Тогаш два цивилни авиони управувани од противници на кубанскиот лидер беа соборени, при што загинаа четири лица, според обвинението на САД.

Раул Кастро беше министер за одбрана во тоа време. Тројца од четворицата убиени лица беа американски државјани. Обвинението доаѓа во услови на зголемени тензии меѓу Вашингтон и Хавана. Покрај ембаргото на САД кое е во сила од 1962 година, Вашингтон воведе целосна нафтена блокада на карипскиот остров од јануари.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ