вторник, 28 април 2026

Пожарникарите ги завиткаа древните дрвја секвоја во огноотпорни покривки, заштитувајќи ги од пожар (ВИДЕО)

Објавено на

часот

Сподели

Пожарникарите ја посетија шумата со секвоја во Националниот парк во Калифорнија, а подножјето на огромните стебла ги завиткаа со специјални покривки од огноотпорна алуминиумска фолија во случај да им се закани огнената стихија.

Меѓу нив е и познатиот „Генерал Шерман“, секвоја висока 83 метри, со волумен од 1487 м3, која се смета за најголемото дрво во светот.

На подрачјето на калифорнискиот национален парк на секвоја, околу 2.000 пожарникари се мобилизирани да ја постават целата своја опрема за гаснење пожар во готовност.

„Тие преземаат вонредни мерки за заштита на овие вредни дрвја“, изјави за Меркјури њуз една од службеничките во паркот, Кристи Бригам.

„Навистина сакаме да сториме сè што можеме за да ги заштитиме овие дрвја стари помеѓу 2.000 и 3.000 години“, истакна таа.

Илјадници квадратни километри шуми веќе изгореа во Калифорнија оваа година. Бројот и интензитетот на пожарите во западниот дел на САД повеќекратно се зголемени во последните години, а сезоната на пожари е продолжена.

Експертите веруваат дека овој феномен првенствено е поврзан со глобалното затоплување, зголемувањето на температурите, зголемувањето на топлотните бранови и помалата количина врнежи, а сето тоа заедно прави „идеален запалив коктел“.

Два пожари избија во четвртокот во близина на Џиновската шума, во рамки на Националниот парк на секвоја, во кој се сместени петте најголеми познати дрвја во светот, а меѓу нив и „Генерал Шерман“, кој привлекува десетици илјади туристи.

Пожарите со низок интензитет генерално не можат да им наштетат на огромните секвои, кои со текот на времето се прилагодиле на пожарите благодарение на екстремно дебелата кора на стеблото и гранките кои се наоѓаат многу високо, надвор од дофат на пламенот.

Но, во исто време, за репродукција на овие дрвја е потребен оган, бидејќи топлината на пламенот ги „распукува“ шишарките како пуканки, ослободувајќи стотици семиња.

Џиновските дрвја, кои растат само во Калифорнија, во подножјето на Сиера Невада, сепак не успеваат да ги преживеат поразорните пожари што избувнаа во Калифорнија во последните години поради климатските промени.

„Во однос на климата, ние сме во непознати води“, изјави загрижено за ЛА Тајмс Кристал Колден, експерт за пожари на Калифорнискиот универзитет во Мерцед.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ