вторник, 28 април 2026

Хрватска и БиХ потпишаа договор за гасоводот Јужна интерконекција

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и претседателката на Советот на министри на Босна и Херцеговина Борјана Кришто денес потпишаа договор за изградба на гасоводот Јужна интерконекција, кој ќе ги поврзе двете земји со гасна инфраструктура.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Хрватската влада претходно денес на телефонска седница донесе одлука да ја почне постапката за склучување на тој договор, а претходно во текот на денот, по итна постапка, тоа го направија и Претседателството на Босна и Херцеговина и Советот на министри.

Потоа Кришто и Пленковиќ го потпишаа договорот во Дубровник, на самитот на иницијативата „Три мориња“.

Станува збор за „историски проект“ кој ја менува „економската и политичката реалност“ во Хрватска и Босна и Херцеговина, оцени шефот на дипломатијата на Босна и Херцеговина Елмедин Конаковиќ.

„Ова е многу добар договор“, додаде Пленковиќ, кој подоцна треба да даде поширока изјава.

Хрватска го услови потпишувањето со економската оправданост на проектот, односно со минимален закуп на транспортниот капацитет.

Кришто кажа дека ова нема да го забави спроведувањето.

„Хрватската страна го нагласи тоа во преговорите и тоа нè прави сите сериозни. Затоа и ние можеме да веруваме дека овој проект ќе оживее во роковите кои ќе бидат договорени во согласност со идните договори“, кажа таа.

Спогодбата ги регулира основите на соработката и заедничката изградба на интерконекцијата во насока Загвозд – Посушје со насоките Томиславград – Шуица – Купреш – Бугојно – Нови Травник/Травник и Посушје – Груде – Широки Бријег – Мостар и гранките до Ливно, Горњи Вакуф-Ускопље, Доњи Вакуф и Јајце, како и до Чапљина.

Планирана е дополнителна насока на гасоводот во БиХ помеѓу Кладње и Тузла.

На потпишувањето присуствуваа и американскиот секретар за енергетика Крис Рајт и амбасадорката на САД во Хрватска Никол Мекгроу.

„Повеќе енергија е патот до благосостојба“, порача Рајт.

Тој и хрватскиот министер за економија Анте Шушњар потпишаа и заедничка изјава за поддршка на тој проект, а двете страни потпишаа и меморандум за разбирање за инфраструктурата и енергетската безбедност во областа на енергетиката, како и заедничка изјава за подобрување на соработката за цивилна употреба на нуклеарната енергија.

Конаковиќ оцени дека новиот извор на енергија „значи многу за Босна и Херцеговина“ бидејќи досега имаше само еден од Русија. Со изградбата на гасоводот БиХ добива пристап до терминалот за течен гас на Крк.

И босанскиот министер нагласи дека не гледа „пречки“ за спроведување на тој проект и заклучи дека „секогаш е пријатно кога Хрватска, БиХ и Америка прават нешто заедно“.

Договорот, меѓу другото, предвидува проектирање, подготовка, извршување на работите, издавање одобренија и дозволи и инспекциски надзор во согласност со прописите на двете земји.

Секоја договорна страна го обезбедува финансирањето и изградбата на својот дел од гасоводот, додека прашањата за заеднички инвестиции ќе бидат регулирани со посебен договор меѓу инвеститорите.

Иако не е споменато во договорот потпишан денес, гасоводот во Хрватска веројатно треба да го изгради Плинакро, а во БиХ американската приватна компанија ААФС инфрастракчр енд енерџи“, за која се вели дека е блиска до администрацијата на Доналд Трамп.

ААФС инфрастракчр енд енерџи треба да обезбеди финансиска конструкција за реализација на проектот, а за возврат би добила концесија за експлоатација за период од најмалку 30 години.

Ова е регулирано и со измени на Законот за јужна интерконекција, кој беше усвоен од парламентот на Федерацијата на Босна и Херцеговина во март.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ