Речиси еден век откако докторите за првпат предупредија за токсичните ефекти на оловниот бензин, Алжир стана последната земја што ги потроши сите резерви, објави УНЕП, нарекувајќи ја веста значајна победа во борбата за почист воздух.
„Успешното спроведување на забраната за оловен бензин е голема пресвртница за глобалното здравје и нашата животна средина“, рече Ингер Андерсен, извршна директорка на УНЕП со седиште во Најроби.
Оловниот бензин уште пред две децении се користеше во повеќе од 100 земји, и покрај студиите што го поврзуваа со прерана смрт, лошо здравје и загадување на воздухот и почвата.
Првите грижи се појавија во 1924 година, кога десетици работници биле хоспитализирани, а петмина починале откако претрпеле тешки конвулзии во рафинерија што ја водел американскиот гигант Стандард Оил.
Сепак, до 1970 -тите, скоро целиот бензин што се продавал низ целиот свет содржел олово.
Кога УНЕП во 2002 година започна кампања за искоренување на оловен бензин, многу големи економски сили веќе престанаа да го користат горивото, вклучувајќи ги САД, Кина и Индија. Но, ситуацијата во земјите со помал приход била поинаква.
Откако Северна Кореја, Мјанмар и Авганистан престанаа да продаваат оловен бензин во 2016 година, оттогаш бил достапен само во неколку земји. По Ирак и Јемен, Алжир е последниот што ја прекина зависноста од тој загадувач.
УНЕП соопшти дека искоренувањето на оловниот бензин „ќе спречи повеќе од 1,2 милиони предвремени смртни случаи годишно, ќе го зголеми коефициентот на интелигенција кај децата, ќе заштеди 2,44 трилиони долари во светската економија и ќе ги намали стапките на криминал“.
Гринпис ја поздрави веста како „прослава на крајот на една токсична ера“.
„Ова јасно покажува дека ако можеме постепено да го отстраниме едно од најопасните горива што ја загадуваат околината во 20 век, можеме да ги укинеме апсолутно сите фосилни горива“, рече Тандил Чинјаванху, активистка за клима и енергија во Гринпис.






