Во виртуелниот говор на 76-тото заседание на Генералното собрание од своето седиште во Рамала, Абас повторно побара од генералниот секретар на светската организација Антонио Гутереш да свика меѓународна мировна конференција.
Тоа барање тој го заокружи со барањето до Израел кажувајќи дека Израелците имаат една година да се повлечат од палестинските области окупирани во 1967, вклучувајќи го источен Ерусалим.
„Спремни сме да работиме во текот на таа година на разграничувањето и да ги решиме сите прашања врзани со конечниот статус на двете идни држави, израелската и палестинската. Ако во тоа не успееме, зошто тогаш да го одржуваме признавањето на Израел врз основа на границите од 1967?“, кажа Абас.
Освен таа закана, кажа дека палестинската власт ќе се обрати до Меѓународниот суд на правдата со барање да се пресуди за легалноста на окупацијата на териториите на палестинската држава.
Меѓународниот мировен процес за постигнување решение меѓу двете држави е во пат позиција веќе неколку години.
Израел веднаш ги отфрли барањата на палестинскиот лидер.
„Тој повторно покажува дека не претставува ништо. Оние кои вистински го поддржуваат мирот и преговорите не мавтаат со закани и луди ултиматуми од подиумот на Обединетите нации“, кажа израелскиот амбасадор во ОН Гилад Ердан.






