„Оваа година 4 јули е ден на посебна прослава зашто излегуваме од мракот… година на пандемија и изолација, година на болка, страв и тажна загуба“, рече Бајден на собирот во Белата куќа за приближно 1.000 луѓе, вклучувајќи воени семејства и луѓе што се бореле против ковид-19.
Најголемиот настан во Белата куќа откако Бајден ја презеде должноста во јануари имаше цел да им даде на Американците нешто за славење додека животот постепено се нормализира по пандемијата на коронавирусот, во која починаа повеќе од 600.000 Американци.
Но досега не е исполнета целта на Бајден 70 проценти од возрасните во САД да добијат барем една вакцина до недела. Бројката се движи околу 67 проценти, бидејќи некои луѓе се противат на вакцинацијата, што ги загрижува здравствените власти, бидејќи делта-сојот на вирусот се заканува со нов пандемиски бран.
Во својот говор, Бајден ги оплака починатите, ги пофали Американците што помогнале во итната реакција на пандемијата и рече дека вакцините се најдобрата одбрана од новите соеви на вирусот.
„Тоа е најпатриотското нешто што можете да го направите“, рече Бајден за вакцинацијата.
Тој исто така истакна дека коронавирусот „повеќе не ја парализира нацијата и е во нивна моќ да осигурат дека никогаш повеќе нема да се случи“.
Минатата година поради пандемијата беа откажани скоро сите прослави поврзани со прогласувањето независност од Велика Британија во 1776 година.
По говорот, претседателот и гостите го следеа 17-минутниот огномет над Меморијалниот базен Линколн.






