Во соопштението на УНИЦЕФ се наведува дека инцидентот се случил во петок наутро за време на рутински пренос на вода во пумпната станица Мансура во северна Газа, која го снабдува градот Газа. По нападот, агенцијата ги прекинала своите активности на таа локација.
„Хуманитарните работници, кои пружаат основни услуги и цивилната инфраструктура, вклучувајќи ги и клучните водени капацитети, никогаш не смеат да бидат цел“, соопшти УНИЦЕФ. „Заштитата на цивилите и оние кои обезбедуваат помош неопходна за преживување е обврска според меѓународното хуманитарно право“.
Според палестинските здравствени власти, израелските сили убиле повеќе од 750 Палестинци откако „прекинот на огнот“ во Газа, посредуван од Соединетите Американски Држави и Катар, стапи на сила минатиот октомври. Од почетокот на војната на 7 октомври 2023 година Израел убил повеќе од 72.000 луѓе во Газа.
Во исто време, на окупираниот Западен Брег, израелските сили убија Палестинец во Хирбет Салама, објави официјалната палестинска новинска агенција ВАФА. Се вели дека 25-годишниот Мухамед Ахмад Суваити е прогласен за мртов на местото на настанот.
Израелската војска објави дека едно лице вооружено со нож е убиено во нелегалната населба Негохот, без да прецизира кој е одговорен. Користејќи го библиското име за Западниот Брег, војската во соопштението наведува дека „терорист кој се инфилтрирал во заедницата Негохот во Јудеја и Самарија е идентификуван и елиминиран во брз одговор“.
Според палестинското Министерство за здравство, израелските сили и доселеници убиле повеќе од 1.060 Палестинци на окупираниот Западен Брег од почетокот на војната во Газа.






