„Србија ни треба поради геополитиката“, рече унгарскиот премиер на Стратегискиот форум на Блед, панел што се фокусира на иднината на Европа.
„Србија е клучна земја за ЕУ. Вистината е дека нам, на европските земји, Србија ни е потребна повеќе отколку што на Србија ѝ е потребно членството во Унијата“, рече Орбан.
Тој нагласи дека ЕУ мора да има геополитички пристап и дека на Унијата, токму од тие причини, ѝ е потребна Србија како членка.
На панелот присуствуваше и српскиот претседател Александар Вучиќ како единствен претставник на земја што не е членка на ЕУ, заедно со шест премиери на ЕУ, меѓу кои и Андреј Пленковиќ од Хрватска.
Вучиќ рече дека Србија била ентузијастичка за нејзиниот пристапен процес во ЕУ, но дека „тој ентузијазам повеќе не постои“.
„Најдовме свои начини за надминување на економските проблеми и создадовме свои механизми“, рече тој.
Тој нагласи дека неговата земја продолжува да биде целосно посветена на своето европско патување, но дека „мора да преживее и да ги подобри условите за живот на своите граѓани“.
Вучиќ ја обвини ЕУ, која ја опиша како „најдоброто место за живеење во светот“, дека не успева да го награди напредокот на земјите-кандидати кога ќе исполнат некои од критериумите за членство.
„Северна Македонија си го смени и името, ѝ беа дадени ветувања дека ќе започне преговарачкиот процес, а дали тоа се случи?“, праша тој.
Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел на панелот рече дека ЕУ, свесна дека треба да биде повидлива во Србија, ги зголемила инвестициите во таа земја, што Вучиќ го потврди.






