Во интервју за телевизијата „Пулс 24“ Шаленберг нагласи дека ситуацијата од 2015 година не смее да се повтори и се заложи за сместување на авганистанските бегалци во соседните земји на Авганистан, додавајќи дека тоа е во интерес на самиот Авганистан.
Тој особено ја критикуваше Италија, чија министерка за регионални прашања Маријастела Гелмини ја обвини Австрија за недостиг од солидарност.
„Ако Италија сака да го достигне бројот на припадниците на авганистанската заедница во Австрија по жител, прво мора да прими 270.000 до 300.000 Авганистанци. Дури тогаш може да продолжиме да зборуваме“, рече тој.
Во врска со извештаите за кршење на човековите права од страна на талибанците, Шаленберг рече дека извештаите на ОН се загрижувачки, но дека тој сѐ уште не добил потврда за таквите информации.
„Ситуацијата сѐ уште е нејасна, но постојат големи сомнежи за талибанците. Мојот приоритет е на луѓето на кои им е потребна помош, државјани на Австрија и оние што имаат дозвола за престој, да им овозможиме да го напуштат Авганистан што е можно поскоро“, рече тој.






