Објектот е оддалечен околу пет километри од поранешниот привремен камп во близина на селото Вати и од другите островски села: Опкружен е со високи огради со бодликава жица. Организациите за бегалци изнесоа бројни критики на сметка на кампот, финансиран од средства на ЕУ.
„На нашите пациенти единствено можеме да им помогнеме да преживеат во кампот“, однапред најави организацијата Лекари без граници (МСФ). Самос е првиот остров кој има таканаречен затворен центар со контролиран пристап. Останатите ќе бидат лоцирани на Лезбос и Хиос.
„Владата го решава прашањето за мигрантите како што им вети на граѓаните“, рече министерот за миграција Нотис Митаракис пред новинарите на отворањето на кампот.
„Пред само две години, на Самос пристигнаа 10.500 мигранти, а досега оваа година пристигнаа 111. Минатата година во стариот камп имаше 7.500 луѓе, а сега таму има уште 400 кои ќе се преселат во новиот камп“.
Грција го постигна ова главно со заострување на поморските гранични контроли и со преселување на луѓето на копно. Во новиот камп, мигрантите ќе имаат добри услови за живот и ќе се гарантира сигурност, рече Митаракис. Тој уште еднаш истакна дека Грција повеќе не е влез за илегална имиграција во ЕУ.
Според грчките медиуми, на луѓето што престојуваат во камповите дозволено им е да заминуваат од таму секој ден од 8 до 20 часот, со исклучок на оние чии барања за азил се одбиени и кои мора да се вратат во Турција во согласност со договорот на ЕУ за бегалците со Турција.






