сабота, 25 април 2026

Медиумите во ЕУ: Крвавиот напад во Кабул е тежок удар за Бајден

Објавено на

часот

Сподели

Ова вчера во анализите го нагласуваат медиумите во Европската Унија, оценувајќи дека „синовите на (поранешниот самопрогласен) калиф Ал-Багдади“, како што наведува италијанскиот весник „Република“, убивајќи цивили и американски војници покажале дека тие го контролираат Кабул, како и дел од Авганистан, а не талибанците, и дека на тој начин успеале да му нанесат удар на најголемиот противник, Американците.

Полскиот весник „Политика“ наведува дека „победата на Давид (талибанците) над Голијат (Американците) покажа дека регрутирањето муслимани од целиот свет во светата војна џихад е одлично орудие“. И, подвлекува, „ослободувањето илјадници екстремисти во Авганистан обезбеди нови опасни борци за Исламска држава и Ал каеда, противници на талибанците“.

Шпанскиот весник „Паис“ вели дека западните разузнавачки служби знаеле, но не можеле да ги спречат „заспаните терористи“ на исламските екстремисти да тргнат во самоубиствени напади.

Холандскиот дневен весник „НРЦ“, како и француските весници „Монд“ и „Фигаро“, посочува дека масакрот врз цивилите и американските војници е „горчлив пораз за Бајден, кој најави одмазда кон терористите“, но Бајден повеќе не може да се спаси самиот себеси“.

Германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ посочува дека крвавите убиства во Кабул дефинитивно го запечатија што побрзото заминување на западните војници, „затоа што оние војници што остануваат таму се незаштитени цели на терористите“.

Германскиот портал Дојче веле објаснува дека уште пред нападот американските власти дадоа до знаење дека може да се случи исламистички напад на аеродромот во Кабул и дека тоа ќе биде стратегиски удар за Исламска држава „како врз САД, така и врз талибанците, чие раководство се обидува да докаже дека е способно да ја контролира земјата“.

Парискиот весник „Монд“ заклучува дека Американците, дури и покрај тоа што знаеле, не биле во можност да ги спречат убиствата и дека сега САД немаат друг избор освен да ја продолжат глобалната битка против исламскиот тероризам… и покрај сеќавањето на погубните американски грешки во процената на терористичките закани во минатото“.

Џихадистите денес се светска опасност, а Америка и нејзините сојузници сѐ уште се главни цели на екстремистите, заклучува париски „Ле Монд“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ