Ким се сретна со група млади луѓе и ги пофали за тоа што доброволно се пријавиле за работа во најтешките места кои се најголем предизвик и порача дека целосно ги поддржува, без да наведе повеќе детали за работите кои ги вршат, јави севернокорејската агенција КЦНА а пренесува Ројтерс.
„За развојот на нашата Работничка партија, која прави револуција, најголемата гордост, имот и движечка сила е да знае дека има свои сигурни и надежни наследници“, кажа Ким.
Во мај државните медиуми објавија дека штитеници на домовите за незгрижени деца, регрути и студенти доброволно се пријавуваат за вршење физички работи во Северна Кореја, вклучувајќи ги рудниците за јаглен, на фармите и големите градежни проекти.
Според Обединетите нации, драстичните мерки кои Пјонгјанг ги презел за сузбивање на ковид-19, ги влошиле кршењата на човековите права и економските тешкотии во земјата, вклучувајќи ги и извештаите за глад.
Северна Кореја повеќе пати ги отфрла обвинувањата за злоупотреба на човековите права и ги обвинува санкциите, кои се на сила од 2006, за тешката хуманитарна ситуација.






