Авиокомпаниите ширум светот го приземјија најпродаваниот авион на Боинг откако авион од ист тип се урна во Етиопија неколку месеци по несреќата во Индонезија, при што загинаа 157 луѓе. Етиопијан ерлајнс објави дека повторно ќе го воведе во промет Боинг 737 Макс во февруари.
„Одвоивме доволно време за да ја следиме работата на структурните промени и по повеќе од 20 месеци ригорозен процес на корекции… нашите пилоти, инженери, авионски техничари и екипажот се уверени во безбедноста на флотата“, рече извршниот директор на етиопската Теволде Гебремариам.
Повеќе од 180 земји, во меѓувреме, ја укинаа забраната за сообраќај на 737 Макс, вклучувајќи ги САД, европските земји, Австралија, Јапонија, Индија, Малезија и Сингапур.
Индонезиското Министерство за транспорт соопшти дека укинувањето на забраната ќе стапи на сила веднаш, додавајќи дека одлуката е донесена по регулаторните проверки за промените на системите на авионите. Тие исто така нагласија дека превозниците мора да ги следат директивите за пловидбеност и да ги проверуваат авионите пред да ги стават во употреба, најавувајќи и државни инспекции.
Лајон ер користел десет Боинг 737 Макс пред забраната и веднаш не одговори на прашањето на Би-би-си да ги коментира информациите за одлуката на властите. Индонезиската национална авиокомпанија Гаруда соопшти дека не планира повторно да го воведе авионот во својата флота бидејќи нејзин приоритет е реструктуирање на долгот.






